Македонија
6. December 2017 - 16:31

Судењето за предметот на СЈО „Траекторија“ одложено за 18. декември

Стартот на судењето за предметот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство е одложен за 18 декември. Судот го прифати барањето на одбраната на обвинетите за визуелно и тонско снимање на рочиштата. Адвокатите тврдат дека нивното барање е во согласност со Кривичниот законик.

„Сакаме сè она што ќе се случува и сè она што ќе биде кажано, да не внимаваме, да не мораме да се грижиме за тоа на кој начин истото е внесено во записник, туку од тонскиот записник да провериме и да бидеме сигурни дека сè што се случува е реално внесено“, изјави адвокатот, Еленко Миланов.

Во предметот „Траекторија“ обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт Миле Јанакиевски и поранешниот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски. Според Специјалното обвинителство во текот на 2012 и 2013-та година, ги пречекориле своите овластувања во изборот на компанија за изградба на автопатиштата Миладивци-Штип и Кичево-Охрид и го оштетиле државниот буџет за повеќе од 150 милиони евра. Попладнево Груевски ги отфрли ваквите обвинувања и посочи дека целата постапка е работена согласно законите.

„Jас и моите колеги сме обвинети за нешто што го правела во минатото и сега го прави владата на СДСМ. Во минатото имаме случај при изградбата на хидроцентралата Козјак на ист начин и во иста постапка Владата земала кредит од Кина и ја исфинансирала градбата на Козјак. Сега на ист начин се направи анекс на договорот и тој анекс помина на Парламент“, рече екс-премиерот, Груевски.

Во меѓувреме Кривичниот совет го одобри и обвинението за предметот „Трезор“ на Специјалното обвинителство, а стартот на судскиот процес ќе биде дополнително утврден. Во овој случај обвинети се 4 лица меѓу кои и екс директорот на УБК Сашо Мијалков. СЈО ги товари за проневера на државни пари за набавка на странска опрема за прислушување за потребите на Петтата управа.