Македонија
17. January 2017 - 16:13

Студот како што се очекуваше го намали бројот на болни од грип

Изминативе 10 дена за 50 % е намален бројот на пациентите заболени од грип, информираат од штипскиот Центар за јавно здравје. Според статистиката на Центарот, епидемијата куминирала една недела пред Нова година и деновите до Божиќ, а до денес вкупно се евидентирани вкупно 1430 пациенти со симптоми на грип.

-Втората недела од новата година имаме намалување за половина во однос на првата, односно 239 случаи, со 590 во првата недела од новата година- изјави д-р Велик Грков, директор на Центар за јавно здравје- Штип.

На инфективното одделение при штипската клиничка болница се хоспитализирани 13 лица, меѓутоа драстично е намален бројот на пациенти на детското одделение, на кое пред само 20 –тина дена се бараше кревет повеќе.

-Со оглед на промената на временските услови, зимскиот распуст и намалениот контакт на болни со здрави деца, моментално на одделението има 2 до 3 заболени деца од грип- изјави Марина Шуманска, портпарол на Клиничка болница-Штип.

Лекарите предупредуваат дека доколку не се преземат превентивни мерки, со почетокот на учебната година може повторно да се зголеми бројот на заболени ученици,

-Болните дечиња да не одат на учиште или во градинка. Да лежат дома, да се одмараат и лекуваат- додава Грков.

Хигиената во училиштата да се подигне на повисоко ниво, преку дезинфекција на училишниот инвентар, посебно кваките на вратите, често миење на рацете и проветрување на просториите за настава на секој одмор.