Македонија
22. March 2018 - 8:34

Студено со снег и дожд

Времето денеска ќе биде облачно и студено со повремени врнежи од снег, во јужните делови од дожд и снег, а во крајниот југоисточен дел од дожд. Можна е изолирана појава на замрзнат дожд. На повеќе места врнежите ќе бидат пообилни и ќе наврнат над 15 литри на метар квадратен, а во североисточниот дел и над 20 литри.

Во поголем дел од земјава ќе се формира снежна покривка, а на планините значително ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од северен правец.

Утринската температура ќе се движи од минус четири до три, а дневната од минус два до шест степени.

Во Скопје слично време, облачно и студено со повремени врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се спушти до нула, а дневната ќе достигне еден степен.

Утре се уште ќе има повремени врнежи од дожд и снег, но кон крајот на денот ќе престануваат. Во сабота ќе биде променливо облачно со провејување слаб снег. Во сабота и недела во утринските часови на повеќе места температурите ќе бидат под и околу нула, во интервал од минус четири до еден степен. Постепено затоплување ќе има од недела во текот на денот, кога ќе има локални врнежи претежно од дожд.