Македонија
18. November 2017 - 16:13

Струмица се подготвува за заедничката седница на владите на Македонија и на Бугарија - ќе се потпишат 10 нови договори

Премиерите на Македонија и Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов за неколку дена повторно ќе седнат на иста маса, а заедно со нив ќе бидат и министрите од двете влади.

23 ноември е датумот, а Струмица градот домакин на првата заедничка седница на македонската и бугарската влада  која беше договорена за време на официјалната посета на премиерот Бојко Борисов во Скопје во почетокот на август оваа година, кога беше склучен и договорот за пријателство, соработка и добрососедство меѓу двете држави. 

Засега официјални информации за местото на кое  ќе се одржи седницата нема, но најверојатно тоа ќе биде големата сала на поранешниот дом на АРМ во Струмица. Она што е познато е дека владите на Македонија и Бугарија за време на седницата започнуваат со работа на конкретни проекти за соработка.

Прес службата на македонската влада денеска информираше дека кабинетите на Заев и Борисов во Срумица  ќе ги разгледаат можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракцијата и меѓусебната помош при катастрофи, соработката во областа  на инвестициите, енергетиката,  но и поддршка во обуката и  подготовка на војниците од вооружените сили на Република Македонија.

Потпишувањето на дел од овие договори вчера го најави и премиерот Зоран Заев за време на неоговото обраќање во рамките на обуката за политички лидери во организација на институтот за политика на Република Бугарија  која се одржа во Струмица.

На заедничката седница во Струмица се очекува да биде разгледана и можноста за соработка во делот на телекомуникациите. Тоа пред извесен период го најави и бугарскиот министер за транспорт според кого Македонија може да биде првата земја од Западен Балкан на која Бугарија ќе и предложи билатерално укинување на роамингот, а веќе подготвениот меморандум може да биде потпишан токму на седницата на 23 ноември.

Според најавите,  на  општината домакин Бугарија ќе  и донира возило за лица со попреченост. За таа цел бугарската влада веќе одбрила доделување на 70. 000 лева или 35 000 евра со кои ќе се набави специјализирано превозно средство за сите ранливи групи во општина Струмица.

Неповратната финансиска помош е во рамки на проектот за социјално вклучување на ранливите групи во општина Струмица и создавање услови за инклузивно учество на лицата со попреченост во економскиот, социјалниот и културниот живот, како и остварување на основните права без дискриминација по основ на ранливост.

Според протоколот  по завршувањето на седницата делегации на двете влади ќе го посетат и споменикот поставен во чест на загинатиот претседател Борис Трајковски каде ќе положат цвеќе.