Македонија
25. јуни 2017 - 20:30

Струмица одбележа 61 година од раѓањето на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски

Струмица  одбележа 61 година од раѓањето на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски. Споменикот ,, Македонија,, поставен во струмичкиот парк во чест на Трајковски беше местото  кое го посетија голем број струмичани, положија свежо цвеќе и се потсетија за животот и делото на претседателот, но и нивниот роднина, пријател и сограѓанин. Во чест на претседателот Борис Трајковски цвеќе положија и претставници на локалната самоуправа, политички партии и претставници на повеќе институции и здрженија.

-Името на Борис Трајковски е на рамништето на најистакнатите архитекти и неимари на мирот во светски рамки. Таквото место го заслужи затоа што претседателот Трајковски беше од оригинално олицетворение на исклучително редок поклоник, поддржувач и иницијатор за изнаоѓање на разрешници дури и за најгорливите прашања кои ги тиштат граѓаните на Република Македонија. Се разбира Борис Трајковски го имаше во себе златниот универзален клуч кој ги отвара сите порти. Претседателот го знаеше добро познатиот и испробан рецепт кој вели проблемите да се постават врз постулатите да дијалог, доверба и толеранција, рече Костадин Костадинов – в.д. градоначалник на општина Струмица

Во рамки на одбележувањето на 61 година од раѓањето на загинатиот претседател Борис Трајковски беа доделени и наградите за најуспешните автори кои учествуваат на традиционалниот литературен конкурс посветен на Трајковски, а беше  организиран од страна на  општинската библиотека Благој Мучето од Струмица.