Македонија
13. November 2015 - 17:02

Стражарно приведување на Заев ако не се појави на следното рочиште

Доколку четвртообвинетиот Зоран Заев не се појави и на следното рочиште ќе мора да издадам наредба за стражарно приведување. Со вакво образложение судијката Љубинка Башевска по петти пат денеска го одложи судењето за случајот „Пуч“, револтирана бидејќи лидерот на опозицијата повторно не се појави во судот.

Неговото отсуство адвокатите го оправдаа со копии од авионски билети за Цирих, Барселона и Палма де Мајорка каде Заев имал закажани службени средби и состаноци. Дали ќе се појави и на следното рочиште закажано за 2-ри декември според адвокатите зависи од тоа кога специјалната јавна обвинителка ќе го превземе случајот. Потврда за ова пристигна и од СДСМ:

-Претседателот на СДСМ, Зоран Заев останува на истиот став соопштен и во јавноста и во судот во однос на конструираниот случај „Пуч“. Доколку Специјалното јавно обвинителство го превземе преметот за овој случај до следното закажано рочиште на 2-ри декември, тогаш претседателот Зоран Заев ќе се појави на судењето, се вели во соопштението на партијата.

На почетокот на денешното рочиште во судот реагираше и првообвинетиот во случај „Пуч“ екс разузнавачот Зоран Верушевски. Тој тврдеше дека службите во истражниот затвор „Скопје“ му ги заплениле фотографиите од семејството и внуците, кои му биле испратени во пакетите со храна, но немаше одговор на прашањето на судијката зошто меѓу нив имало и слики од Заев.

Покрај Верушевски и Заев во случајот „Пуч“ обвинети се и Соња Верушевска, Бранко Палифров од општина Струмица и Ѓорѓи Лазаревски од МВР. Сите се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.