Балкан
11. February 2018 - 16:27

Страв од атентат за Вучиќ пред неговата посета на Загреб

Во Загреб мерките за безбедност се кренати на највисоко ниво пред посетата на српскиот претседател на Хрватска.

Бројни полициски сили уште денеска се распоредени на  улиците на хрватската престолнина,  за утре и задутре кога Вучиќ ќе го посети Вргинмост се планира ангажирање и на антитерористички единици.

Нервозата расте и во Белград. Министерот за одбрана Вулин го советуваше својот шеф да не оди во Хрватска каде за утре напладне се најавени протести на воените ветерани.

Во Загреб се создава атмосфера слична онаа кога Вучиќ одеше во БиХ каде беше нападнат од група демонстранти, предупредува и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.

Вучиќ во Загреб доага на покана на претседателката  Колинда Грабар Китаровиќ. Посетата, планирана уште од летото, се најавува како старт на нормализација на односите мегу двете земји.

За разлика од ваквите најави, на социјалните мрежи во Хрватска во тек е кампања со која се повикуваат граѓаните да го дочекаат Вучиќ со спуштени ролетни за да покажат дека тој не е добредојден во земјата .