Бизнис
27. March 2017 - 20:33

Стратешки документ на ССМ за повисоки плати и подобра позиција на работниците во општеството

Минималната плата може да се зголеми и до 20 отсто сметаат синдикалците. Според првиот човек на ССМ растот на минималецот ќе повлече зголемување и на другите плати. Значителни измени треба да се направат и во договорите на определено. За зајакнување на сигурноста на работниците потребно е договорите на определено кои сега се склучуваат на 5 години да бидат максимално од 2 до 3 години. Треба да се елиминираат и разликите во примањата на работниците кои вршат иста работа.

Оние кои работат на определно време добиваат за околу 30 проценти помала плата од оние кои се вработени на неопределено време, а да не зборувам за оние кои имаат приправнички стаж чии плати се и 50 проценти пониски од оние кои имаат редовен работен однос. Тоа доволно говори дека сигурноста на работните места мора да ја зајакнеме и затоа одиме на тоа работниот однос во договорите за вработување којшто сега за определено време изнесува пет години, да се намали на две, односно три години, рече Митрески.

ССМ ќе предложи и измени во работното законодавство со кои најмалку 30 отсто од склучените договори за вработување во индустриските зони треба да бидат на неопределено работно време. Сега повеќе од 90 отсто се на определено.

- Платите се еден до најзначајните сегменти со оглед на фактот што нашите анализи покажаа дека скоро 60 проценти од вработените примаат до 20.000 денари, само 3,2 проценти примаат плата над 30.000 денари, додека над 40 проценти се со плата од 12.000 до 15.000 денари. Основната определба е да го отвориме процесот на зголемување на платите во Македонија, изјави претседателот на ССМ Живко Митрески на денешната промоција на Предлог-протоколот за социјален напредок. 

Во иднина е предвидено и отворање на дебати за проширување на категориите работници со бенефициран стаж. Особено во градежништвото, текстилната индустрија, железницата сообраќајот и шумарството.

Економско социјалниот совет веќе го прифати новиот стратешки документ за подобрување на правата на работниците. Се чека нова Влада за да биде доставен.