Македонија
11. January 2017 - 10:03

Страшо Пинџур, револуционерот што си ја предвиде смртта

Телото му го фрлиле во Вардар. Гроб нема. Загинал на неполни 28 години. Таква била судбината на Страшо Пинџур, еден од најголемите револуционери и политички раководители на Македонија од времето на Втората светска војна.

По повод 74-годишнината од убиството на еден од најголемите борци за слобода од поновата историја на македонскиот народ, поразговаравме со историчарот Петре Камчевски. Тој уште на почетокот ни нагласи дека во плејадата борци за слобода и револуционери од Тиквешијата, многу видно место и значајна улога му припаѓа на Страшо Пинџуров. Неговиот живот и дело се длабоко врежани не само во пишаните документи и материјали, туку и во свеста и паметењето на луѓето од овој крај.

Дедо му и баба му активни учесници во Илинденското востание

Роден бил во Струмица на 5 март 1915 година, каде што неговиот татко извесно време работел како учител. Потекнувал од видно револуционерно семејство од Ваташа. Дедо му Арсо и баба му Наца биле активни учесници во Илинденското востание. Татко му Димитар Пинџуров бил долгогодишен борец и револуционер во четите на тиквешките војводи Добри Даскалов, Пешо Самарџиев и Дончо Лазаров. Сите индикации покажувале дека Страшо ќе тргне по стапките на своите предци. Негов кум, кој му го дал името Страшимир бил познатиот револуционер од времето на Илинденското востание, соборец и другар на татко му, Христо Чернопеев. Страшо Пинџур 2

- Немал ниту една година кога останал без татка си, кој загинал во виорот на Првата светска војна. Неговата мајка се премажила во Неготино, па целата грижа околу неговото одгледување и воспитување ја презела баба му Наца, на која и останал приврзан и благодарен до крајот на својот живот. Од сочуваната документација може да се види дека основно образование и нижа гимназија завршил во Ваташа и Кавадарци и бил еден од најдобрите ученици на својата генерација. По природа бил тивок и повлечен. Можеби и како последица на фактот што останал сираче. Длабоко внатре, тој бил многу емотивен, кристално чесен и искрен кон своите блиски другари и пријатели, ни раскажа Камчевски.

Големосрпската буржоазија ги укинала гимназиите во Македонија. Голем број ученици биле приморани своето образование да го продолжат во Србија, каде што биле отворени специјални интернати за македонските ученици. Страшо Пинџур завршил четврти клас нижа гимназија во Горни Милановац, а петти клас во Неготин Краина. Како ученик во крагуевската гимназија покажувал голема наклонетост кон книжевноста, особено кон поезијата. Таму го оформил и своето гимназиско образование.

Си предвидел дека ќе умре млад, а гробот нема да му се знае

Особено не можел да ја трпи неправдата, па оттука и неговиот револт спрема пишувањето на нишкиот психолог Прибичевиќ, кој за Македонците напишал дека се примитивни и прости луѓе. Страшо остро и храбро се спротивставил на ваквите паушални тези на психологот од Ниш, што било несфатливо и пресмело за еден млад ученик од Македонија. Во Крагуевац Страшо го пишувал својот дневник, од кој можеме да ѕирнеме во неговата душа, во неговите размислувања за светот што го опкружува, за другарите, за љубовта и друго. Понекогаш знаел да западне во депресија што се гледа и во одредени делови од дневникот, како што е на пример размислувањето „Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае“.

- Ова негово претчувство и навистина се остварило. До ден денес сѐ уште не се знае гробот на Страшо Пинџур. Тој бил неразделен другар со Димката Ангелов Габерот, со кого за многу прашања имале идентично мислење, а разменувале размислувања за настаните во светот, за прочитани книги, за убавите девојки и слично. Страшо потајно му се восхитувал на Димката, кој бил вистински магнет за девојките, бидејќи не само што бил убав, туку и многу убаво свирел, пеел и ги играл сите познати модерни танци, дознавме од Камчевски, кој е директор на кавадаречкиот музеј.

Во затвор, но не се откажал од своите идеали

Во 1935 година Страшо Пинџур заминал на студии во Белград. Таму се запишал на Правниот факултет. Набргу влегол во редовите на напредното младинско и револуционерно движење. Неговата активност меѓу студентите од белградскиот универзитет не останала незабележана. Бил предложен и избран за член на акцискиот одбор на студентски здруженија, кој раководел со напреднато студентско движење на Белградскиот универзитет. Немало акција организирана од овој комитет во која Страшо не учествувал, како демонстрации, митинзи, академии, предавања и слично. Во тоа време напредните студенти од Македонија, кои студирале во Белград формирале културно-просветно друштво „Вардар“, а во текот на 1936 година Страшо Пинџур бил избран за негов секретар. Бил еден од основачите на македонското народно движење МАНАПО. Во текот на 1937 година МАНАПО, под раководство на Страшо Пинџур развило широка активност.

 Пинџур 3

Организирал заеднички излети на студентите и работниците, кои биле масовно посетени. На излет во мај 1938 година на Авала, на кој присуствувале неколку илјади студенти и работници, одржал краток говор.

- „Ова вака повеќе не може да биде. Овој народ ќе се крене и ние мораме да работиме на тоа“, рекол меѓу другото.

Поради неговата голема активност и агитација меѓу студентите и работничката младина, во мај 1938 година бил уапсен од белградската полиција и осуден на шест месеци затвор во злогласниот затвор Главњача на островот Ада Циганлија.

За време на летниот распуст во 1939 година Страшо Пинџур заедно со неколкумина стари и прекалени револуционери како Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев, формирале партиска ќелија на Комунистичката партија за Кавадарци, односно ја обновиле партиската организација која по 1920 година се наоѓала во длабока илегала.

Во декември 1940 година на 25-годишна возраст дипломирал на Правниот факултет во Белград. Со дипломата в раце се вратил во својот роден крај, каде на неговиот успех најмногу се израдувала неговата баба Наца. Ни во Ваташа не мирувал, организирал состаноци со партиската ќелија, а на радиото во кафеаната на Васил Хаџијорданов ги слушале најновите вести за земјата и за светот. Во еден момент во кафеаната упаднале двајца полицајци, кои го привеле во затворот во Кавадарци, од каде стражарно бил испратен во затворот во Белград. Тука и покрај примената на сурови методи, останал доследен на своите идеали и не се откажал од своите убедувања. Стоечки ги издржал сите тортури. Поради недостиг на докази, полицијата била принудена да го ослободи.

Во партизанскиот одред „Димитар Влахов“

На 26 март 1941 година дошол во Скопје и учествувал во демонстрациите против приклучувањето на Југославија кон Тројниот пакт. По нападот и капитулацијата на Југославија, се наоѓал во Скопје, каде бил назначен за инструктор на Покраинскиот комитет за Комунистичката партија на Југославија за Македонија. Тој бил задолжен да ги посетува сите градови во Македонија, со цел да ја зајакнува партиската структура и мрежа и да формира нови месни комитети и воени штабови. Како член на ПК на КПЈ за Македонија, покажал голема умешност и смисла во пишувањето на летоците и прогласите на Организацијата.

Многу активен, неуморно патувал низ Македонија. Бил еден од иницијаторите за формирање на првиот партизански одред во Македонија. Во тоа време ја вршел функцијата секретар на Месниот комитет на Скопје. Не штедејќи се ниту во еден момент, понесен од своите идеали од кои ниту во еден момент не отстапил, во јуни 1942 година бил избран за член на Главниот штаб на Македонија. Заедно со Мирче Ацев бил задолжен за формирање на партизански одреди во Македонија. Од септември 1942 година тој бил заедно со борците на велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.

Постојано бил со борците и пред нив одржувал политички предавања за значењето на вооружената борба против фашистичкиот окупатор. Со Ацев биле овластени да го спроведат ставот на Покраинскиот комитет на КПЈ и на Главниот штаб на ПОЈ за Македонија. На 7 октомври 1942 година вечерта, втората прилепска и една велешка чета вршеле акција во селото Десово, Прилепско, при што биле заробени двајца слуги на фашистичкиот окупатор. На сред село бил одржан голем народен собир, на кој Пинџур одржал многу впечатлив говор пред населението.

Немилосрдно тепан со гумена палка и со парчиња од автомобилска гума

Како последица на извршената акција во Десово, ситуацијата на теренот станувала мошне напрегната. Непријателските воено-политички сили почнале силен терор сред месното население со цел да ги пронајдат и уништт партизаните. Поради тоа четата немала никакви услови да се снабди со храна. Почнале маките, а гладот ги напаѓал партизаните.

Околу 16 октомври Ацев заминал од одредот, а со борците и понатаму останал Пинџур. Истиот ден четата била нападната, почнала силна борба меѓу партизанските сили и непријателските војници. За време на борбата Страшо се држел многу храбро и придонел за одржувањето на високиот морал кај прегладнетите борци. Како резултат на неговата вешта тактика и на раководството на одредот, при што биле користени и погодните атмосферски прилики, четата успешно се извлекла низ непријателскиот обрач без загуби, додека непријателот имал убиени и ранети војници. Сакајќи да ја ублажи тешката положба на одредот, ваташанецот отишол во едно од селата и успеал да донесе храна за борците. Подоцна одредот бил повторно нападнат од силни полициски сили и се развила голема борба.

- Во декември 1942 година Пинџур и Ацев дошле во Велес по партиска задача. На 18 декември целото маало „Долни дуќани“ било блокирано од јаки полициски сили. Низ Велес се пренела веста дека во акцијата на бугарската полиција во куќата на Јован Митрев, биле уапсени двајца илегалци. За скривницата во куќата на Митрев и илегалната врска со неа знаеле само двајца членови на Окружниот комитет на партијата во Велес, никој од Месниот комитет не знаел. Како биле откриени, сѐ уште е голема енигма, истакна Камчевски.

Во Извештајот на Околиската полиција од Велес до Обласната полиција во Скопје, стоело дека била откриена илегална печатница и дека во неа биле откриени и уапсени двајцата илегалци.

- По приведувањето во скопскиот затвор, Мирче Ацев останал нем на сите прашања. „Ѕверови, јас сум Страшо Пинџур, доста е тоа за вас“, одговорил ваташанецот. Немилосрдно биле тепани со гумена палка и со парчиња од автомобилска гума. По табаните, нозете и по целото тело. Кој каде ќе стигнел од крвниците, таму удирал. На два-три пати нозете им биле ставани во вода и повторно продолжувало тепањето. После два дена интензивно тепање, Страшо бил однесен во ќелијата во бесвесна состојба и бил оставен таму 24 часа. Потоа повторно сакале да го сослушуваат, но кога отишле по него во ќелијата, тој веќе бил мртов. Бил легнат на подот од ќелијата, а крај устата имал пена и локва крв. Било наредено уште истата вечер телото да му биде однесено и закопано некаде. Мртвото тело било изнесено со моторцикл со приколка. Трупот бил фрлен во реката Вардар. По ова неговите убијци испукале неколку истрели, па пуштиле абер дека Пнџур „побегнал“ од затворот. Составиле дури и официјален извештај, во кој опишале како тој „избегал“. Неговиот живот згаснал на четврти јануари 1943 година, раскажа Камчевски.

Кога на 24 септември 1943 година бил формиран вториот баталјон во Макдонија, го добил името Страшо Пинџур, по големиот револуционер и борец. За неговиот придонес во борбата за ослободување на македонскиот народ, меѓу првите во Македонија бил прогласен за народен херој.

Пинџур 4

Нашиот соговорник нагласи дека со солидното образование за времето во кое живеел, јунакот од оваа сторија можел да има живот полн со убавини и животна радост. Но, тој го одбрал трнливиот животен пат полн со маки, тешкотии, страдање и неизвесност. Бил решен да ги исполни своите младешки идеали во кои верувал и бил убеден дека еден ден ќе се реализираат. И бил во право.

Светлана Дарудова/МИА