Бизнис
27. јуни 2017 - 21:34

Стопанствениците бараат заеднички настап на земјите од регионот на престојниот самит во Трст

Што ќе им понудат западноевропските земји на балканските на претстојниот самит за Западен Балкан во Трст и дали тие ќе знаат да го искористат?

Стопанствениците очекуваат политичарите конечно да ја разберат пораката која се игнорирала 25 години и заеднички да настапат за искористување на европските пари. Бараат единствен пазар на работна сила, без визни ограничувања, царински и други бариери.

- Да не се наддаваме повеќе кој за пониско ќе ги привлече странските инвестиции. Кај некои земји кои се двоумеа дали тоа ќе ја наруши нивната конкуретната можност се покажа како контрапродуктивно. Затоа се трудиме тоа да застане, понатамошно лицитирање во делот на евтина работна сила, бенефиции на странски инвеститори не треба да бидат пракса на државите бидејќи тоа генерално ни ја рушеше позицијата на сите, рече Антони Пешев, Стопанска комора.

Приоритети на Европската унија на самитот ќе бидат инфраструктурата, енергетиката, иновации и развојот на малите бизниси. Се очекува државите од регионот да потпишат и спогодба за заедничка економска зона.

- Очекувањата од Самитот во Трст се  хармонизирање на законодавството со посебен акцент во областа на транспортот, натамошно развивање на регионалната соработка преку склучување Спогодба за заедничка економска зона, носење пакет инфраструктурни проекти во висина од околу 150 милиони евра кои треба да се во насока на развој на инфраструктурната мрежа на регионот и нејзината поврзаност со мрежата на ЕУ  – рече Ромео.

Самитот се поврзува со таканаречениот мини Маршалов план на Берлин за политичко стабилизирање и забрзан економски развој на Западниот Балкан кој со години чека влез во ЕУ. За поттик на економиите неофицијално се споменува сума од милијарда евра.