Бизнис
26. October 2015 - 14:19

Стопанска комора: Се стабилизира производството на тутун

Македонија го стабилизира производството на тутун. Количините се намалуваат со тенденција да се задржат на околу 25.000 тони, а квалитетот се зголемува, оцени денеска Стопанската комора на Македонија.

Како што рече на прес-конференција Васко Ристовски од Комората, стабилно и квалитетно производство е во интерес и на производителите и на откупните компании. 

За претстојната реколта се склучени 28.454 договори за откуп што е 6.000 или околу 20 проценти помалку во однос на претходната 2014/2015 година коа беа потпишани 34.500. Во 2013-та, пак, биле склучени 42.367 договори за откуп. 

- Евидентно е намалувањето на површините и на производството, но се очекува добар квалитет, а со тоа и цена. Производство на квалитетен тутун е крајна цел и на производителите и на откупувачите, во спротивно ќе губат и едни и други, нагласи Ристовски.

Првпат се случува, додаде, откупувачите да го намалат бројот на склучени договори за производство. Ваквата состојба ја оправдуваат со намалената побарувачка на ориентални типови тутун.

Кај тутунот и тутунските производи статистиката генерално бележи намалување и на извозот, за 14 отсто, и на увозот, за 30 проценти. Расте само увозот на цигарите, од 266 тони во 2004-та на скоро 1.800 тони во 2014 година, а се зголемува и цената, од 6,6 долари за килограм тутунски производи во 1998 година на 13,7 долари лани.

- Вкупно остварените финансиски резултати од извозот лани беа 146,2 милиони долари што е намалување од 35 отсто во однос на 2013-та кога беше реализиран извоз од 180 милиони долари. 

Согласно податоците од тутунските претпријатија, во 2014/2015 беа насеани 14.030 хектари или 17 отсто помалку од 2013/2014 кога имаше 19.806 хекатри. Динамиката на откупот соодветно на производството, бележеше намалување за 22 отсто во однос на 2013-та, со евидентен пад на просечната откупна цена.

- Со просечно постигнатата цена од околу 117 денари, за откуп на целото ланско производство од 24.857 килограми, беа потребни 2,9 милијарди денари или 48 милиони евра, посочи Ристовски.

Откупната цена на тутунот беше приближно иста, 118 денари за килограм, во 2006 година. Највисока беше во 2009 година, 191 денар, како и во 2012-та, 180 денари, додека во 2013 година изнесуваше 152 денара.

Годинава најмногу се откупуваше тутун од типот „прилеп“, 20.964 тони, потоа „јака“, 3.754 тони, и „басмак“, 147 тони.