Македонија
21. August 2017 - 12:46

Стопанска комора: Наместо да биде депонија на стари печатачи и скенери, Македонија да увезува и користи нова опрема

Македонија да не го собира електронското ѓубре, истрошените, веќе користени скенери, печатачи, копири, опреми за архивирање и следење документи, од западноевропските земји, туку да увезува нова, современа опрема што ќе значи заштита на животната средина и заштеда на енергија, порачува Групацијата на провајдери на дигитални решенија при Стопанската комора на Македонија.

Групацијата, формирана минатата недела, денеска на прес-конференција побара измени на законските решенија коишто ја регулираат оваа област во насока на порестриктивна примена и контрола на старите машини.

- На македонскиот пазар има се поголема набавка и употреба на стари, веќе отфрлени во Европа печатачи, копири, мултифункциски уреди и друга ИТ опрема посебно од страна на државните институции, со што земјава станува отпад за опрема која Европа ја исфрла од употреба. Околу 70 отсто од старата, користена електронска опрема која се увезува во Македонија, е за потребите на администрацијата. Имаме информации дека Министерството за внатрешни работи веќе распишало тендер за набавка на 600 стари машини што само го потврдува фактот дека кај нас воопшто не постои критериум за квалитет кога станува збор за електронските канцелариски уреди, рече претседателот на Групацијата Александар Пајковски.

Според него, опремата што е стара и вон сите еко стандарди, не може и не треба да најде место во Македонија.

Заменик – претседателот на Групацијата Мирко Мариќ посебно се осврна на еколошкиот аспект.

- Мораме да ја подигнеме еколошката свест, да престанеме да го собираме целото ѓубре од западноевропските земји. Засега имаме позитивен одговор во однос на измените на законската регулатива од Министерството за живота средина. Ги повикуваме сите компании од дејноста да ни се придружат во креирањето подобри услови при користењето современи, нови, напредни ИТ решенија, потенцира Мариќ.

Во Македонија засега околу 30 фирми настојуваат и се трудат на пазарот да му ги наметнат новите, современи електронски уреди. Наспроти нив, истакна Пајковски, има и такви кои се уште се занимаваат со увоз, репарирање и пуштање во промет стари копири и друга електронска опрема од западните земји.