Бизнис
19. October 2015 - 14:10

Стопанска комора: Евидентни и повеќекратни придобивките од странските инвестиции во Македонија

Нема сомнеж дека странските инвестиции го помогнаа напредокот на македонската економија и придобивките од нив веќе се чувствуваат, рече денеска новоизбраниот претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија Штефен Петер.

Странските инвеститори во Македонија, истакна Петер, се генерално задоволни од економските реформи, но сметаат дека се уште има предизвици кои треба да се надминат. Бараат стабилно, предвидливо и одржливо деловно окружување, континуитет, јасни политики и транспарентност. 

- Ако таквите услови ги креираме заедно, економските случувања ќе одат во позитивна насока. Се уште треба да се бориме против прекумерната бирократија, за поедноставување на админситративните постапки и за јасни регулативи без многу простор за нивно толкување, нагласи Петер на прес-конференција во Комората, додавајќи дека долгорочно е неопходно да се одржи макроекономската стабилност, да се гарантира владеењето на правото, да има независен судски систем и да продолжи борбата против корупцијата.

Според него, секоја ескалација на политичките случувања би имала негативно влијание врз економијата, на странските и на домашните инвеститори, како и на личната потрошувачка.

Претседателот на Советот е дециден дека странските инвестиции имаат позитивно влијание врз целото стопанство, а придобивките од нив се повеќекратни. 

- Влијанието на странските инвестиции не се мери само преку бројот на нововработените или зголемувањето на извозот, туку и по новите практики кои се носат во земјата, новите технологии и знаења. Поволност повеќе е и диверзификацијата на производите што се продаваат надвор од Македонија, посочи Петер.

Одговорајќи на новинарско прашање дали навистина платите во некои од странските компании се пониски од просечните во државата, Петер рече „да не се мешаат баби и жаби“, наместо тоа, да се согледа вистинската слика.

- Не се согласувам со ваквата констатација. Работните услови во развојните зони се добри - безбедна околина, највисоко ниво на заштита, најдобри технички стандарди и редовна плата, секој месец. Акцентот би го ставил на редовната плата што не е случај секаде. Се согласувам дека според последните статистики, просечната плата во дел од зоните е пониска од онаа на државно ниво, но да ја видиме целосната слика - бонуси за одмор, популарното К-15 и други фактори. Секако, мора да се има предвид и тоа што на државно ниво во износот за просечната плата учествуваат и високите плати на голем дел од раководителите на фирмите, а голем дел од работниците во зоните не се со високо образование. Затоа, да не споредуваме јаболка и портокали, појасни Петер.

И претседателот на Советот е со став дека висината на државната поддршка за странските инвеститори треба да е јавна.

- Се согласувам дека таквите информации треба да бидат јавни. Вчера на владината интернет страница видов дека има прирачници за деловното работење и за почнувањето бизнис во Македонија. Таму има и информации за тоа колкави се субвенциите и каква е помошта во врска со земјиштето или деловното работење, посочи Петер.

Како што информира на почетокот на прес-конференцијата, во првата половина од 2015 година во Македонија се инвестирани околу120 милиони евра, а во 2014-та странските инвестиции надминаа 330 милиони евра. Вработувањата лани, во споредба со 2013 година, е зголемен за 223 отсто, додека годинава во однос на минатата се очекува дополнително зголемување од 33 отсто. Извозот, пак, лани, во споредба со 2013 година, се зголемил за 52 отсто, а проценките се дека годинава вкупниот извоз ќе надмине две милијарди евра.

Речиси половина од најдобрите 200 компании во земјава се странски инвеститори, а тоа е резултат на владините мерки за подобрување на бизнис климата и за привлекување странски вложувања. Овие компании генерираат вкупен приход од 4,43 милијарди евра или половина од македонскиот БДП кој лани изнесуваше 8,5 милијарди евра. 

- Ако ги анализираме најдобрите 100 фирми, 46 отсто имаат доминантна странска сопственост и создаваат профит од речиси четири милијарди евра. Седум странски компании кои се меѓу најдобрите десет, создаваат приход од 2,25 милијарди евра што е една четвртина од македонскиот БДП, укажа Петер.

Штефен Петер доаѓа на местото на досегашниот претседател на Советот на странските инвеститори во Стопанската комора Хуан Педро Наваро, кој ја напушти Македонија од деловни причини, поради заминување на друга функција. 

Петер во обраќањето до медиумите потенцира дека Советот останува на своите веќе дефинирани приоритети: поголема соработка на странските инвеститори со домашните фирми и создавање високо квалификувана работна сила со соодветно знаење и вештини. 

Претседателот на Советот подвлече дека со секое работно место отворено од странски инвеститор, се отвора можност за уште едно во домашните компании. 

Советот застапува 114 компании - членки на Стопанската комора на Македонија.

Ново на Сител