Македонија
20. January 2017 - 16:35

„Стоп операција Сорос“: Фондацијата на Сорос нема врска со граѓански сектор

Иницијативата „Стоп операција Сорос“ бара од Фондацијата Институт отворено општество Македонија да им објасни на граѓаните што точно подразбира нивната идеја за отворено општество и кои се промените што сакаат да ги реализираат во Македонија.

- Треба да објаснат дали нивната политичка активност маскирана под плаштот на граѓански активизам е со цел редефинирање и целосно менување на унитарниот карактер на државата или, пак, нивната цел е да се отворат границите во регионот, за непречен проток од Блискиот Исток, со сите безбедносни импликации кои произлегуваат од тоа, изјави Цветин Чилиманов од Стоп операција Сорос на денешната прес-конференција.

Тој напомена дека Џорџ Сорос неодамна најави оти ќе издвои 500 милиони долари од неговото богатство за да промовира отворање на границите што, како што рече, ќе има директни последици по Република Македонија. Од нив, додаде, милиони се определени за Републка Македонија и од  нив се исплаќаат некои од највисоките плати во земјава.

Посочи дека јавноста има право да знае дека директорката на Сорос во Македонија, Фани Каранфиловска Пановска, има месечна плата од 3.400 евра или над 40.000 евра годишно, а вработената во Фондацијата Споменка Лазаревска, сопругата на Ѓорѓи Лазаревски, поранешен офицер на службата за безбедност УБК, кој е меѓу обвинетите соработници на Зоран Верушевски за илегално прислушување на илјадници политичари, новинари и стопанственици, плата од над 3.500 евра месечно.

- Платата на директорката на фондацијата Сорос која преку насилни протести врши поткопување на политичкиот систем на Македонија, е повеќе од двојно поголема од платата на претседателот на државата или на претседателот на Владата, рече Чилиманов.

Праша дали преку неверојатно високите плати фондацијата Сорос регрутирала шпиони кои ја поткопаа безбедноста на Република Македонија.

- Фондацијата на Сорос во Македонија не е граѓанска организација. Граѓански сектор и граѓанска организација значи институција во која граѓаните одвојуваат свое време и пари, да се организираат заеднички да вршат активности кои на нив лично им се важни. Тоа што се случува во фондацијата на Сорос нема врска со граѓански сектор, потенцира Чилиманов.