Македонија
18. December 2017 - 16:48

Столтенберг во јануари доаѓа во Скопје - ќе бара решение на спорот со името, но и спроведување на реформите

Генералниот Секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе ја посети Македонија во втората половина на јануари, потврдуваат за Сител високи претставници на НАТО во Брисел.

Првиот човек на Алијансата доаѓа во Македонија за да ги охрабри властите да преземат одлучни реформски чекори особено во делот на справувањето со корупцијата и владеењето на правото. Претставниците на НАТО очекуваат Македонија во првата половина на 2018та да направи исчекор во делот на реформите и да ги зајакне демократските капацитети.

Истовремено, се очекува Скопје и Атина интензивно да работат на изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот за името. Само со решен спор Макеоднија може да се надева на покана за членство на следниот Самит на Алијансата во јули идната година. Во овој процес значајна е и улогата на опозицијата во земјата.

Дипломатски извори од влијателна земја членка на ЕУ и НАТО брифираат дека Алијансата и Европската Унија остануваат на политиката на отворени врати но според принципот Строги но фер. Ова значи дека од Макеоднија се очекува да ги исполни критериумите за владеење на правото, борба со корупцијата и слобода на медиумите. Истовремено, на земјата ќе и биде понудена помош преку ИПА фондовите како и билатерална поддршка од земјите членки. Реформите треба да овозможат да се излезе од статусот „заробена земја“ кој беше нотиран во последните извештаи на Европската Комисија како и во мониторингот на експертската група предводена од Прибе.

Брисел препознава нов импулс со доаѓањето на новата влада но сеуште се очекуваат сериозни и одговорни чекори за да се искористи моментумот. Ништо не може да се случи преку ноќ, но поставувањето на амбициозна агенда и нејзиното спровњедување ги зголемува шансите за побрз исчекор.

 2018та е клучна за приближување на Макеоднија но и останатите земји од Западен Балкан кон НАТО и Европската Унија. Земјите од регионот преку силни реформи треба да ги убедат земјите членки на ЕУ но пред се нивните граѓани дека проширувањето не е тема која треба да предизвикува страв.

Премиерот Заев и генералниот секретар на НАТО Столтенберг се сретнаа во Брисел во јуни годинава само еден месец по изборот на новата влада. И при оваа средба Столтенберг јасно стави до знаење дека е потребно решение на спорот со Грција но и реформи за кои НАТО и ЕУ говорат во еден глас.