Свет
4. November 2015 - 17:31

Столтенберг: НАТО не бара конфронтација, но е подготвен да се одбрани

НАТО не бара конфронтација и е подготвен да ги одбрани своите земји членки, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, на заедничката прес конференција во Сарагоса со шпанскиот министер за одбрана Педро Моренес, пренесе ТАСС. 

Столтенберг напомена дека на големите воени вежби на НАТО „Единствен тризабец 2015“ (Trident Juncture 2015) што почнаа на 21 октомври во јужна Европа, учествуваат над 36.000 војници од сите 28 земји членки и осум партнери.

- Ние ја тестираме нашата способност да работиме заедно, забележа Столтенберг, кој претходно денеска, заедно со Моренес, ги набљудуваше маневрите.

- Ние испраќаме порака кон секој потенцијален противник: НАТО е подготвен брзо да размести вооружени сили и ние можеме тоа да го направиме по копно, воздух и вода, изјави генералниот секретар на Алијансата во интервју за шпанскиор весник „АБЦ“.

На прес конференцијата во Сарагоса Столтенберг побара нов договор за нормите за информирање за оддржување воени вежби. Според него, Русија спроведува многу маневри без набљудувачи од НАТО и ги користи исклучоците од правилата за информирање, кои се предвидени при организирање на ненадејни и мали воени вежби.

-Тоа е причина за загриженост и за осовременување на системите за информирање, забележа тој.

Столтенберг објасни дека НАТО и натаму ќе биде отворена и предвидлива организација во своето дејствување и забележа дека на вежбите присуствуваат многу набљудувачи, вклучително и од Русија. Тој додаде дека во моментов НАТО не гледа непосредна опасност за своите членки.