Македонија
17. January 2018 - 21:09

Столтенберг ја започна дводневната посета на Македонија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вечерва пристигна во Скопје, каде имаше работна вечера со премиерот Зоран Заев и други владини претставници со што ја започна неговата дводневна посета на Република Македонија.

Како што објави Алијансата на својата веб-страница, Столтенберг заблагодарувајќи се на гостопримството нагласи дека ова е негова прва посета на Македонија како генерален секретар на НАТО. 

Се очекува, утре генералниот секретар на Алијансата да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Заев, како и со министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска, со лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, и со лидери на други политички партии. 

Столтенберг утре напладне ќе се обрати пред пратениците во Собранието на Република Македонија. 

Во рамките на посетата, како што информираа од Владата, предвидена е заедничка прес-конференција на Столтенберг со премиерот Заев во прес-центарот на Владата.