Свет
20. November 2017 - 9:45

Стејт Департментот се кастри и од горе и од долу

Синдикална организација на американскиот Стејт Департмент (АФСА) предупреди дека, под Администрацијата на претседателот Доналд Трамп и државниот секретар Рекс Тилерсон, драматично се намалува бројот на високо рангирани професионални дипломати, како и на потенцијални идни дипломати.

Трамп воведе забрана за нови вработувања во Стејт Департментот, а генерално се смета дека советите и активностите на т.н. „Фоги Ботом“ ретко допираат до Белата куќа.

Според АФСА, тројца од петте највисоко рангирани „дипломати од кариера“, го напуштиле Стејт Департментот, а оставки поднеле или се пензионирале и 14 од 33-те „министри од кариера“, втор највисок ранг во американската дипломатска служба. Бројот на треторангираните дипломати - „министри-советници“, се намалил од 431 на 369.

Некои од дипломатите поднесоа оставки во знак на протест против политиките на претседателот Трамп. Тоа го стори в.д. амбасадорот во Кина, Дејвид Ренк, кој рече дека протестира против одлуката на Трамп да се откаже од Парискиот договор за спречување на климатските промени.

Амбасадорката во Катар, Дејна Шел Смит поднесе оставка откако Трамп ги поддржа санкциите што група арапски држави, предводени од Саудиска Арабија, ги воведоа кон Катар, а воедно јавно ја критикуваше и одлуката на претседателот да го разреши директорот на ФБИ, Џејмс Коми.

Дејна Шел Смит

- Станува се потешко човек да се разбуди и да ги види вестите кои доаѓаат од дома, знаејќи дека ќе морам цел ден да ги објаснувам нашата демократија и институции, напиша тогаш амбасадорката на официјалниот Твитер профил.

Администрацијата на Трамп се соочи и со формален протест внатре, од редовите на Стејт Департментот, кога над 900 вработени се потпишаа на протестно писмо против одлуката на претседателот да ги забрани визите за седум држави кои претставуваат безбедносен ризик за САД.

Вработените во Стејт Департментот имаат право да упатат вакво интерно протестно писмо, на што Белата куќа им возврати дека „имаат право и да си поднесат оставка ако не им се допаѓа политиката на претседателот“.

Советникот за национална безбедност на Трамп, Ејч Ар Мекмастер, неодамна му потврдил на поранешниот државен секретар Колин Пауел, дека кастрењето на кадрите и овластувањата на Стејт Департментот се случува свесно и намерно, а не поради неспособност. Според американските медиуми, Мекмастер на Пауел му рекол дека ова се случува затоа што многу луѓе во Стејт Департментот активно се спротиставуваат на агендата на претседателот Трамп.

Претседателот Трамп лично потврди дека е незадоволен со односот на дипломатската служба кон него. Во интервју за телевизијата Фокс, Трамп рече дека се поставил како бизнисмен и рекол да не се пополнуваат празните места кои веќе не се потребни. - Има некои луѓе таму со кои не сум задоволен, додаде претседателот.

Поранешната заменик амбасадорка на САД во Лондон и прв човек на АФСА, Барбара Стивенсон остро ја критикуваше состојбата во Стејт Департментот и кастрењето на администрацијата, пред се на професионалната служба во која има околу 13.000 дипломати.

дипломат барбара стивенсон1

- Највисоките нивоа на нашата дипломатска служба се намалуваат со вртоглава брзина. Ако вакво нешто се случеше во армијата, ќе имаше жестока реакција во јавноста, напиша Стивенсон во коментар објавен во списанието на АФСА.

И некои од членовите на Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат изразија скепса за реорганизацијата. Републиканксиот сенатор Боб Коркер, кој го предводи Комитетот и е чест критичар на претседателот Доналд Трамп, изјави дека Стејт Департментот не покажал дека има план како да спроведе реформи. Сенаторот Бен Кардин од Демократската партија го обвини Трамп дека ја доведува државата во опасност со тоа што го „обезглавил Стејт Департментот“.

Според телевизијата Еј-Би-Си, Стејт Департментот се кастри и од долу, со драстичното намалување на бројот на лица кои се пријавуваат за влез во дипломатската служба. Во 2015 година, вкупно 14.480 лица се пријавиле да го полагаат потребниот испит. Досега, во 2017 година, за испитот се пријавиле само 9.519 лица.

Според прес службата на Стејт Департментот, ова го одразува подобрувањето во економската состојба во САД и отворањето на нови работни места во приватниот сектор, но синдикалната организација на Стејт Департментот предупредува дека на овој начин ќе се намали просторот за идни вработувања на дипломати и освежување на службата, дури и Трамп ја тргне забраната за вработувања.

Тилерсон, кој дојде во Стејт Департментот од нафтениот гигант „ЕксонМобил“, најави дека ќе бидат укинати поголем број канцеларии во дипломатската служба кои беа формирани во изминатите години и кои се занимавале со одредени прашања како што се правата на жените низ светот или воените злосторства.

 	тилерсон.

Според Тилерсон, ваквите канцеларии претставуваат удвојување на администрацијата во Стејт Департментот, и не придонесуваат многу кон ефикасноста.

Локацијата на самиот Стејт Департмент, во еден од најмочуришните делови на Вашингтон, доведе до тоа политиката на Трамп кон дипломатската служба да се споредува со неговото предизборно ветување дека „ќе го исуши мочуриштето на корупција во Вашингтон“.

Минатата недела претставик на Стејт Департментот за весникот „Њујорк тајмс“ потврди дека наскоро на дипломатите кои ќе се согласат да дадат отказ ќе им бидат понудени по 25.000 долари. Целта на секретарот Тилерсон, според „Њујорк тајмс“, е да го намали вкупниот број на вработени во неговиот секретаријат за осум проценти, односно да отпушти безмалку 2.000 лица. Парите ќе бидат понудени по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно отпуштен.

Дел од причината за анемичната состојба во Стејт Департментот е и бавното функционирање на Сенатот, каде демократските сенатори го забавуваат именувањето на дипломати на некои од клучните позиции каде по правило се именуваат политички фигури.

Највисокото раководство на Стејт Департментот именувано од страна на секретарот Џон Кери поднесе оставки со инаугурацијата на Трамп во јануари 2017 година, но речис една година потоа, околу 200 од овие позиции се уште се празни. За дури 74 високи позиции, Администрацијата на Трамп се уште не предложила кандидат.

На почетокот на неговата администрација Трамп го одби барањето на секретарот Тилерсон искусниот дипломат Елиот Абрамс да биде именуван за негов заменик. Причината беше што Абрамс ја критикувал номинацијата на Трамп за претседателски кандидат на Републиканската Партија. По ова, Тилерсон беше далеку попретпазлив во предлагањето на високи функционери во Стејт Департментот. Клучниот помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, позиција која претходно ја држеше Викторија Нуланд, дури неодамна беше пополнета со изборот на Вес Мартин.

Вес Мартин

Една од клучните позиции за формулирање на политиките на Стејт Департментот кон разните делови на светот - функцијата потсекретар за политички прашања - се уште ја држи Том Шенон, дипломат именуван во мандатот на претседателот Барак Обама и секретарот Џон Кери и покрај најавите дека тој ќе биде заменет од полковникот Андреа Томпсон, советникот за национална безбедност на потпретседателот Мајк Пенс.

Списанието „Форин Полиси“ објави дека уште еден советник на потпреседателот Пенс, Стивен Акард, се подготвува да ја преземе функцијата генерален директор на дипломатската служба, позиција која е клучна во кадровските решенија во Стејт Департментот. Според „Форин Полиси“, во Стејт Департментот имало отпор кон идејата за именување на Акард на оваа позиција, затоа што тој повеќе од 10 години не работел во Стејт Департментот и бил ангажиран главно со економски прашања во Индијана, матичната држава на потпретседателот Пенс.

Цветин Чилиманов/МИА