Спорт плус
20. August 2016 - 18:54

Стефановски победник, Поп Ацев дисквалификуван

Македонскиот пливач Томи Стефановски е победник на јубилејниот 30-ти Меѓународен пливачки маратон што денеска се одржа на Охридското Езеро. Стефановски кому ова му е 17-ти настап на маратонот во Охрид, патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид долга 30 километри ја исплива за 5:55:18.97 часа.
 
Втор целната линија ја мина македонскиот маратонец Евгениј Поп-Ацев, речиси истовремено со победникот, но поради неправилно минување на последната бова стотина метри пред целта, тој е дисквалификуван, така што второто место му припадна на Едуардо Стокино од Италија, а третопласиран на охридскиот маратон е Матеус Евангелиста од Бразил.
 
Победник во женска конкуренција е Олга Козидуб од Украина која низ целта мина во групата заедно со победниците во машка конкуренција со време 5:55:35 часа, второпласирана Дарија Килик од Русија, додека како трета на целта пристигна Силвие Рибарова од Чешката Република.
 
Победникот Стефановски кој претходно најави дека ова му е последно појавување на Охридскиот маратон и последна активна пливачка сезона, изјави дека сто и десет проценти се вложил во денешниот маратон, тактички добро распоредувајќи ги силите во текот на целата трка.
 
- Почувствував последниот километар дека имам сила за да го следам кој и да е во водство, тоа и го искористив последните сто метри. Имајќи ги предвид моите 45 години, не верувам дека ќе успеам да го повторам овој успех, рече Стeфановски.
 
Тој изрази жалење што после шест часа пливање Евгениј Поп-Ацев не успеа да го потврди одличниот резултат, испуштајќи го одличното и заслужено второ место заради ситна грешка пред самата цел.
 
Што се однесува на следnата завршна трка од ФИНА серијата трки на отворени води што на 4 септември ќе се плива од Капри до Неапол, Стефановски кој сега избива на прво место на ранг-листата, најави дека прво ќе се одмори, а потоа ќе се обиде што подобро да се подготви и да го даде максимумот, за оваа пливачка сезона да ја заврши со триумф во генералниот пласман.
 
Охридскиот маратон што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) и е најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата. 
 
Наградниот фонд на маратонот во Охрид изнесува десет илјади долари. Во ФИНА бодувањето се одредува според висината на паричниот фонд, така што победникот на Охридскиот пливачки маратон покрај паричната награда ќе добие и 15 бода на своето конто, второпласираниот 11, третиот 9, четвртиот 7...осмопласираниот 3 бода. Секој што ќе го исплива маратонот во предвидениот временски рок до половина час после пристигнувањето на победникот на целта добива два бода.