Македонија
24. November 2017 - 10:06

Статуа на сексуални робинки ги скара Осака и Сан Франциско

Јапонскиот град Осака го прекина шестдеценискиот договор за забратимување со Сан Франциско, откако властите на америакнскиот град одобрија поставување на статуа на жените силувани од јапонската армија во Втората светска војна, јави ДПА.

Јапонската Влада го повика градоначалникот на Сан Франциско, Едвин Ли да не го дозволи поставувањето на статуата, но ова барање беше одбиено и минатата недела Градскиот совет гласаше статуата да биде поставена.

Статуата претставува три млади жени од Кореја, Кина и Филипините, како се држат за раце.

За време на војната јапонската армија грабнала неколку стотици илјади жени, пред се од Кореја, Кина и Филипните, но и од други окупирани територии како Индонезија, Тајланд и Бурма, и ги принудувала да ги следат јапонските дивизии и да им пружаат сексуални услуги на војниците.

Градоначалникот на Сан Франциско, Ли, има корејско потекло и во Јапонија сметаат дека тоа придонело кон поставувањето на статуата. Слични статуи се поставени и во јужнокорејскиот главен град Сеул, како и во разни градови во САД и Европа.

Јапонија неодамна реагираше откако Јужна Кореја, за време на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп, организираше негова средба со една од преживеаните сексуални робинки која беше поканета на официјална вечера со претседателот.

Јапонија им исплати надомест на малтретираните жени, но како дел од договорот очекува дека ќе престане отворањето на ова прашање и ќе бидат тргнати некои од поставените статуи, пред се статуата поставена пред јапонската амбасада во Сеул.