Ракомет
23. January 2018 - 18:22

Статистиката охрабрува: Македонија мора, но и може без Кире Лазаров!

Македонија вечерва е во мошне незавидна и тешка ситуација. Нашата репрезентација го игра клучниот натпревар од втората фаза против Чешка, а притоа ќе биде без услугите на капитенот и најдобриот играч во репрезентацијата Кире Лазаров, кој поради повреда ќе го пропушти вечерашниот натпревар.

За многумина, тоа значи веројатно загубен натпревар. Се виде и против Шпанците што се случи откако Кире мораше да го напушти теренот. Иако и во тие моменти имавме голема негатива, нашата игра во целост се распадна, а играчите предвреме се откажаа бидејќи го немаа својот лидер на теренот.

Но, во реалноста, ситуацијата треба и мора да биде поинаква. Пред се, бидејќи мораме да се навикнеме и да сфатиме дека Кире не е вечен, без разлика на тоа што сите сакаме да биде таков. Лазаров е ветеран и има 37 години, па прашање на време е кога ќе и каже збогум на репрезентацијата. Затоа, сега, на ова ЕП, на овој клучен натпревар против Чешка, време е да се појави неговиот наследник. Не мора тоа да биде индивидуалец, туку нека биде целиот тим. Впрочем, ова ЕП е и најава за тоа дека Македонија конечно доби тим, а Лазаров поддршка во нападот.

Јасно е дека Лазаров е главната алка во репрезентацијата и тоа повеќе од една деценија. Без него не можеше да се замисли националниот тим, каде како главен стрелец, на што одамна сме навикнати, тој ги рушеше рекордите за најдобар стрелец во историјата на едно издание од ЕП или СП.

Сега Кире го нема, и тоа во најлош момент. Против Чешка, кога треба да се одлучува за нашиот понатамошен пат на Европското првенство. Да, делува мошне лошо, но само во нашите глави, а веројатно и во главите на ракометарите. Сите се свесни дека без Лазаров ќе биде мошне тешко. Ако ништо друго, доволно е тој да биде покрај нив на теренот за да се чувствуваат посигурни. Но, имаат и уште еден аргумент кој може да им помогне да сфатат дека мораат, но и можат без нашиот најдобар ракометар. А, за тоа заслуга веројатно има Раул Гонзалез.

Верувале или не, на ова ЕП, Македонија најмалку зависи од капитенот кога станува збор за нападот. Имено, на ниту еден од досегашните натпревари, Кире Лазаров не беше најдобар стрелец во репрезентацијата. Против Шпанија се повреди по само 12 минути игра, а на претходните три забележа околу 33-34 минути во просек на теренот и тоа единствено во нападот каде на крајот не беше најефикасен.

Тој постигна 16 гола досега, што е исклучително малку со оглед на тоа што сме навикнати од него на претходните големи шампионати. Меѓутоа, и тој е човек и тоа во години, па на претходните три натпревари, секогаш имаше играч кој е поефикасен од него во нашата репрезентација. Против Словенија најдобар беше Манасков со осум гола, против Црна Гора Кузмановски блесна со пет погодоци, а против Германците тука беше мотивираниот Талески кој даде шест гола.

Без Лазаров на тие три натпревари веројатно немаше да дојдеме до поволен резултат, бидејќи беше мошне важен на теренот, особено за младите играчи кои се проектирани како негови наследници (Талески и Кузмановски), но тој никогаш претходно не играл повеќе за тимот како сега и никогаш нашата репрезентација во нападот, односно во реализацијата, не зависела помалку од него, а ниту претходно имал повеќе поддршка.

Во ЕП во Хрватска, Македонија на големите натпреварувања одигра вкупно 46 натпревари, од тие, Лазаров не играл само на два меча, а од вкупно 44 меча, тој бил прв стрелец во дури 40 наврати! Од друга страна, на овој континентален шампионат, го играме можеби најдоброто првенство сметајќи ја само првата групна фаза, а на сите три натпревари Лазаров имаше достојна замена.

Затоа, јавноста, а пред се ракометарите кои ќе истрчаат денеска на теренот на мегдан со Чешка, мораат да сфатат дека без Кире се мора и се може. Самите играчи го покажаа тоа. Кире на сите ќе ни недостасува вечерва, а во блиска иднина и трајно ќе мораме да се простиме од неговите игри во националниот тим, па затоа останатите мораат да се охрабрат и вечерва да ја прикажат истата игра како на претходните натпревари, исто како Кире да е до нив на теренот. Само мирно, без брзање и со ладни глави да покажат дека Македонија има светла ракометна иднина. Ако треба, нека дадат и 200% од своите можности за вечерва да го заменат капитенот и да дојдат до потребната победа.

А, Кире, се надеваме дека ќе се опорави и ако победиме вечерва, да помогне во најважниот натпревар, оној утре против Данска кога во случај на триумф вечерва, ќе се решава за најголемиот успех на македонскиот ракомет на големите натпреварувања – полуфинале и борба за медал.

Извор: Спортклуб