Спорт плус
30. December 2016 - 12:42

Стартува новогодишната турнеја „Четири скокалници“

Со денешните натпревари во германски ски-центар Оберсдорф почнуваат натпреварите на 65-тото издание на новогодишна турнеја „Четири скокалници“.
 
Традиционално скокачите ќе бидат собрани на оваа турнеа која по Олимпијадата е најпрестижното натпреварување во ски-скоковите.
 
Титулата од лани ја брани Словенецот Петер Превц, со што ја прекина доминацијата на Австријците, кои претходно победуваа седум години по ред.
 
Сепак неговиот помлад брат 17-годишниот Домен Превц е еден од главните фаворитите за триумф годинава, имајќи ја предвид неговата форма во која настапува сезонава во Светскиот куп. Доколку се случи Домен да триумфира тоа би било првпат во историјата на „Четирите скокалници“ браќа да победат две сезони по ред.
 
По Оберсдорф, на 1 јануари традиционално се натпреварите на скокалницата во Гармиш-Партенкирхен, по што следуваат настапите во австриските ски-центри Инсбрук (4 јануари) и Бишофсхофен (6 јануари).
 
Инаку, во историјата на „Четирите скокалници“ само еден скијач-скокач, Германецот Свен Ханавалд успеал да победи на сите четири скокалници, од 29 декември 2001 година до 6 јануари 2002 година.