Македонија
14. February 2018 - 13:34

Стапува на сила Договорот за добрососедство со Бугарија

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева денеска во Софија ќе потпишат Протокол за размена на ратификациските документи, со што и официјално во сила ќе стапи Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.

Со тоа практично ќе се заврши формалната постапка за стапување на Договорот во сила, по неговата ратификација во македонското Собрание на 15 јануари и на бугарскиот Парламент три дена подоцна.

Договорот, како што претходно објави МИА, беше потпишан на 1 август 2017 година од страна на премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, заради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството, развивање на сестрани меѓусебни односи, согласно меѓународното право.

Договорот е резултат на петгодишен договарачки процес на работните групи на двете МНР и претставува наградба на договорот потпишан во 1990 година. димитров - захариева средба Димитров од денеска престојува во работна посета на Софија, каде што е предвидено да има билатерални средби со претставници на бугарските власти.

Шефот на македонската дипломатија денеска, освен со Захариева ќе се сретне и со претседателот на Бугарија, Румен Радев и премиерот Бојко Борисов. Тој од утре учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. Состојбата во Западен Балкан, со акцент на евроинтегративниот процес на регионот, како и ситуацијата во Сирија и Северна Кореја, ќе бидат темите на кои ќе се дискутира на сесиите на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија (Гимних), што утре и задутре ќе се одржи во Софија.

Домаќин на состанокот е бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Захариева, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. На неформалниот состанок ќе учествува и високата претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, шефовите на диломатиите на 28-те земји-членки, како и министрите за надворешни работи на петте земји кандидатки од регионот Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција. Гимних е дворец во западниот дел на Германија, кој беше гостинска куќа на владата на некогашна Западна Германија. Тоа е местото каде се одржа првиот неформален состанок на шефовите на дипломатиите од ЕУ во 1974 година.

Овие состаноци се неформални, а учесниците имаат можност да дискутираат за актуелни прашања, но по дебатите не се усвојуваат декларации или формални заклучоци.