Македонија
25. November 2016 - 16:30

Станковски: Ветувањата на Заев се почеток на лизгавиот пат кон поделба

Особено опасни се изјавите на лидерот на СДСМ Зоран Заев дадени во македонското предизборие со кои тој најавува двојазичност на целата територија и уставни измени кои ќе го надминат Охридскиот Рамковен Договор вели во интервју за ПУЛТ на Радио Слободна Македонија Бошко Станковски магистер на Кембриџ кој во моментов подготвува докторат на тема процес на отцепување и креирање нови држави.

Вели дека во првата фаза овие најави на Заев водат кон нетериторијална федерација односно федерација на два народи без поделени територии но потоа и до поделба на граници внатре во земјата.

-Овие изјави водат кон нетериторијална федерација која подоцна ќе се трансферира во територијална федерација- тргнуваме на многу лизгав пат. Многу брзо овие денешни барања ќе преминат во барања за дводомен парламент, право на вето на законите и една ситуација во која државата ќе биде комплетно блокирана па секој ќе рече- дајте да се поделиме зошто вака не оди, вели Бошко Станковски, магистер по меѓународно право на Кембриџ.

Спроед Станковски изјавата на Заев дадена во Швајцарија со која тој повикува да се оди надвор од Охридскиот Рамковен Договор а со тоа и надвор од Уставот може комплетно да ја дестабилизира државата.

-Мислам дека е исклучително опасно и неодговорно да се отвараат вака чувствителни прашања во период на избори и тие да бидат предмет на изборни калкулации и манипулации. Ова се пресериозни работи за ние сега да ги ставиме на маса и преку ноќ да кажеме дека ќе ја редефинираме државата. Одењето вон Охридскиот рамковен договор значи одење надвор од Уставот бидејќи тој е имплементиран во Уставот. Уставот е сменет благодарение на тој договор кој беше резултат на конфликт. Тоа е компромис со кој веројатно ниедна страна не била целосно задоволна но ние со него се научивме да живееме. Тоа е исклучително комплексен документ кој предвидува долг период на имплементација. Сега не е тоа мени во ресторан во кое ќе изберете што ви се допажа а што не. Тоа е како домино, ако повлечете едно може се да се сруши. Не е тоа тема која сега ќе ја отвориме ќе кажеме дека договорот е тесен, не ни треба рамка, уставот ќе го смениме .. без притоа да кажеме како , на кој начин, кои ќе бидат последиците од тоа, вели Станковски.

И поранешниот пратеник во Советот на Европа Андреас Грос вчера во интервју за Сител потврди дека со Заев делат заеднички ставови во поглед на потребата од надминување на Охридскиот договор и уставни измени. И тој како Заев повика на двојазичност.

Иако во интервју за тв21 и на собирот во Швајцарија Заев ги најави промените на Уставот, на партиските митинзи низ Макеоднија демантираше дека го кажал тоа.