Македонија
19. January 2017 - 11:45

Станислав Бојчески го фати крстот во Тетово

Дваесет и двегодишниот студент Станислав Бојчески од Тетово беше најсреќниот од тројцата кои влегоа во осветените води од дворот на соборниот храм „Светите Кирил и Методиј“ во Тетово и го фати осветениот крст на денешното одбележување на големиот христијански празник Богојавление  - Водици.

- Ова ми е прва година што се фрлам по крстот. Годинава очекувам Господ да ми даде здравје, среќа, љубов другото само ќе си дојде, изјави Бојчески.

Претходно митрополитот тетовско-гостиварски господин Јосиф во сослужение на повеќе свештеници од тетовското арихиерејско намесништво отслужи света божествена литургија и водосвет.

- Празнувајќи го овој празник ние како верен народ треба да имаме чувство дека над нас е отворено небото како што било во моментот на христовото крштевање во Јордан и дека како христијани треба да ја доживееме пораката на Отецот небесен  искажана за возљубениот син при неговото крштевање од Јован Претечата, рече во своето обраќање пред присутните верници господин Јосиф.

Празникот Водици  на сличен начин се одбележа и во повеќе села од тетовско со положување на светиот крст во базени во црковните дворови или во реките што минуваат низ населените места.