Бизнис
17. October 2015 - 16:59

"Стандард и Пурс": Македонија е кредитно стабилна држава

Агенцијата “Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија од ББ-, со стабилен изглед.

Агенцијата очекува во следните четири години земјава да остварува раст поддржан од започнатите капитални инвестиции, од приливите од странските директни инвестиции, како и од континуираниот раст на извозот.

“Од 2010 година, извозната активност заедно со експанзивната фискална политика ја поддржа економијата и помогна во намалување на невработеноста”.

“Забележан е и раст на личната потрошувачка, поддржан од ниската инфлација, што придонесе за економски раст”.

“Нивото на јавен и државен долг е умерен”, стои во извештајот.

Со околу 2,4 милијарди долари нивото на девизни резерви е висок, и е силна поддршка за одржување на фиксниот девизен курс, смета Стандард и Пурс.

Банкарскиот сектор е стабилен, добро капитализиран и обезбеден со домашни депозити.

Македонската регулатива и поставената супервизорска рамка овозможува справување со ликвидносниот ризик поврзан со потенцијалните повлекувања од мајките банки, се наведува во извештајот.

Во министерството за финансии оценката се смета за добар сигнал за странските инвеститори со голед на тоа што потврдата на рејтингот и стабилниот изглед доаѓа во период кога кредитните агенции доделуваат негативни изгледи за економиите на земји како Хрватска, Бугарија, Словенија, Турција, Русија.