Македонија
17. October 2015 - 9:00

“Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија

Рејтинг агенцијата “Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија од ББ-, со стабилен изглед.

Ова е исклучително добар сигнал за странските инвеститори со оглед на тоа дека оваа кредитна агенција претходно во 2015 година го намали кредитниот рејтинг на Русија на ББ+ од БББ, а на Хрватска и го намали изгледот од позитивен на негативен.

За растот Агенцијата очекува во следните четири години истиот да биде поддржан од започнатите капитални инвестиции, од приливите од странските директни инвестиции, како и од континуираниот раст на извозот.

- Од 2010 година, извозната активност заедно со експанзивната фискална политика ја поддржа економијата и помогна во намалување на невработеноста, се вели во извештајот.

Агенцијата забележува и раст на личната потрошувачка, поддржана од ниската инфлација, што придонесе за економскиот раст.

Нивото на јавен и државен долг, како што наведува Агенцијата е умерен.

Со околу 2,4 милијарди долари нивото на девизни резерви е висок, и е силна поддршка за одржување на фиксниот девизен курс.

Банкарскиот сектор е стабилен, добро капитализиран и обезбеден со домашни депозити.

Македонската регулатива и поставената супервизорска рамка овозможува справување со ликвидносниот ризик поврзан со потенцијалните повлекувања од мајките банки, се наведува во извештајот.