Бизнис
2. December 2017 - 8:41

„Стандард енд Пурс“ го зголеми кредитниот рејтинг на Бугарија на БББ-

Меѓународната бонитетна агенција „Стандард енд Пурс“ ги зголеми долгорочните и краткорочните перспективи на кредитниот рејтинг на Бугарија од ББ+ на БББ-.

Како што соопшти бугарското Министерство за финансии, зголемениот рејтинг е показател за „зајакнатата надворешна позиција на земјата, поттикната од континуираното зголемување на извозот и на заштедите“.

Според „Стандард и Пурс“, драстично се намалени ризиците поврзани со значителна и ненадејна промена на финансиските текови што доаѓаат од странство, а особено од странските директни инвестиции.

Меѓу факторите кои би придонеле за зголемување на кредитниот рејтинг на Бугарија во следните 24 месеци агенцијата ги посочува забрзувањето на економскиот раст, постојаното намалување на ризичните кредити и зголемувањето на довербата во монетарната политика.

„Стандард енд Пурс“ наведува дека за евентуално намалување на бугарскиот кредитен рејтинг во следниот период би влијаеле можните притисоци врз платниот биланс на земјата, пониските перспективи на економскиот раст и влошувањето на состојбата на јавните финансии.