Бизнис
16. September 2017 - 12:29

„Standard and Poor's” го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ-, со стабилен изглед

Агенцијата „Standard and Poor's” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ-, со стабилен изглед. Потврдата на стабилниот изглед ги одразува оценките на „Standard and Poor's” за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна.

„Standard and Poor's" во извештајот нотира дека политичката криза е надмината со формирањето на новата Влада, и дека се очекува разумно ниво на континуитет на политиките, што би резултирало со подобрување на довербата и постепено интензивирање на економскиот раст.

Економскиот раст за 2017 година е ревидиран на 1%, првенствено заради ефектите на политичката криза врз негативните движења на БДП во првата половина на годината како одраз на одлагањето на дел од јавните и приватните инвестиции. Сепак, се оценува дека овој пад е привремен, што ќе резултира со повисок економски раст до крајот на годината, како и негово понатамошно интензивирање на просечен раст на БДП од 3% меѓу 2018 и 2020, при позитивен придонес на инвестициите, потрошувачката и нето-извозот.

Очекуваниот буџетски дефицит во 2017 година изнесува околу 3%, односно се оценува дека тој е во линија со дефицитот предвиден во ребалансот. Извештајот, исто така, ја нотира политиката на постојани буџетски дефицити во претходните години, но сепак оценува дека постои одреден простор за флексибилност на политиките, при очекуван просечен буџетски дефицит од 3% од БДП во наредните четири години.

Иако буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз долгот, во 2017 година се очекува тој да изнесува 46,5% од БДП (збир на државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта), односно, во глобален контекст, степенот на задолженост на Македонија е оценет како умерен.

„Standard and Poor's" наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите насочени кон економски раст базиран на повеќе извори резултираат со повисок раст на доходот, при повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз евентуално влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вон-буџетски активности кои би ја довеле во прашање оддржливоста на јавниот долг.