Бизнис
22. August 2017 - 13:47

Стаменковска: Пензионерите нема да добијат 2.100 денари повеќе

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека владејачката гарнитура на СДСМ повлекува девизни резерви и се задолжува стотици милиони евра, а не може да обезбеди средства за да им го исплати на пензионерите тоа што им следува.

Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека за десетина дена ќе почне исплатата на септемвриската пензија и оти пензионерите нема да добијат 2.100 денари повеќе, ниту по 620 денари колку што им беа покачувани претходно.

- СДС го укинува најавеното и планирано покачување на пензиите. Тоа го потврдија и нивните функционери во Министерството за финансии. Советниците на министерот за задолжување Тевдовски признаа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ милувала да ги зголемува пензиите. Според функционерите на СДС таа пракса мора да прекине бидејќи ќе имало помалку пари за работите кои на нив им се важни. На Заев му е важно да си ангажира скапи естрадни менаџери од Србија како советници. Пензионерите не го интересираат, истакна Стаменковска.

Според неа, пензионерите ќе добијат само 180 денари повеќе, и оти некој ќе ги стави во џеб останатите околу 500 денари.