Балкан
14. December 2017 - 13:16

Српско-хрватски политичко-историски ревизионизам

Минатото и воениот конфликт од 90-те години од минатиот век повторно станаа причина за српско-хрватски политички и дипломатски-историски ревизионизам.

Најнов повод за тоа е кривичната пријава на Хрватска против петмина генерали на поранешната ЈНА за рекетирањето на Бански двори, седиштето на хрватската Влада во 1991 година.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ оцени дека таквата постака е „чиста пропаганда“, додавајќи дека Хрватска е таа која Хашкиот трибунал ја оквалификува како агресор.

- Тоа е внатрешно политичко барање и пропаганда, бидејќи на Хрватска не и оди добро. Хрватска е означена како агресор. Така е означена во Трибуналот, а Србија со ниеден акт не така не означена, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.

Ивица Дачиќ

Тој додаде дека Хрватите „се вплеткале во оро од кое би сакале да излезат, но тешко им оди“.

Дачиќ потсети на изјавите на поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман дека е „среќен што сопругата не му е Србинка.

- Замислете јас да кажам дека сум среќен што мојата сопруга не е Албанка или Хрватка. Како што говореше - такво и општество изгради, констатираше Дачиќ.

Според него, српскиот Парламент направил грешка што никогаш не донел декларација и осуда за „геноцидот на Хрватска во Втората светска војна“.

- Доколку така одиме, можеме да бараме воена оштета и за Првата светска војна, бидејќи бевме нападнати од нив, нагласи Ивица Дачиќ.

Хрватска Бански двори

Причина за таквата реакција на шефот на српската дипломатија е вчерашната вонредна прес-конференција на хрватската полиција во Загреб, на која беше соопштено дека по 26 години интензивна и сложена истрага, конечно е решен случајот со ракетирањето на Банските двори во 1991 година.

Според хрватските власти, во моментот на нападот во зградата се наоѓал и тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, кој водел разговори со Стипе Месиќ и Анте Марковиќ.

За нападот, во кој дел од Бански двори беа целосно уништени, обвинети се шест генерали на поранешната ЈНА, од кои пет се од Србија и еден од Хрватска.