Балкан
17. January 2018 - 13:24

Српскиот Уставен суд ја усвои жалбата на обвинетите за убиството на Чурувија

Уставниот суд на Србија ги усвои уставните жалби на двајцата некогашни припадници на Државната безбедност, Милан Радоњиќ и Ратко Ромиќ, обвинети за убиството на новинарот Славко Чурувија, откако утврди дека им е повредено правото на ограничено траење на притвор, по што нивната одбрана побара укинување на притворот.

Радоњиќ и Ромиќ во притвор беа три и пол години, од 13 јануари 2014 година до 6 јули 2017 година, а првостепеното судење се уште е во тек и продолжи денеска во Специјалниот суд во Белград.

Тие од јули се во куќен притвор со електронски надзор.

Нивниот заеднички адвокат Зора Добричанин Никодиновиќ денеска на судењето рече дека во својата одлука Уставниот суд констатирал дека со решението на Специјалниот суд од 2015 година, како и со решенијата на Апелацискиот суд во Белград од 2015 година спротивно на Уставот на Србија на обвинетите им е продолжен притворот.

На тој начин им се повредени уставните и законски права на ограничено траење на притвор, рече Добричанин Никодиновиќ поднесувајќи ја одлуката како доказ на судскиот совет со кој претседава судијката Снежана Јовановиќ.

Покрај Радоњиќ и Ромиќ, за убиството на Чурувија на 11 април 1999 година во центарот на Белград им се суди и на некогашниот шеф на ДБ Радомир Марковиќ, како и на припадникот на резервниот состав на ДБ Милан Курак, кој се товари дека е непосреден извршител на убиството.

Марковиќ е во затвор на отслужување казна од 40 години, а Курак е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.

Радоњиќ и Марковиќ се товарат за поттикнување на тешко убиство, а Ромиќ и Курак за тешко убиство во соучество во извршувањето.

Според обвинението, Мирослав Курак на 11 април 1999 година го уби Чурувија, а соучесник му бил Ратко Ромиќ кој со дршка од пиштол ја удрил во глава пријателката на Чурувија, Бранка Прпа.