Македонија
27. July 2017 - 16:47

Средба на Шекеринска со Мекилвам, директорка за Западен Балкан во британското МНР

Новата Влада е посветена на решавање на проблемите и унапредување на добрососедските односи. Ние ќе понудиме еден нов вид на надворешна политика и ќе ги спроведеме реформите, истакна на средбата министерката, истакна мМинистерката за одбрана, Радмила Шекеринска на средбата денеска во Министерство со Фиона Мекилвам, директорка за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото кралство.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска додаде дека во однос на реформите во одбраната, дефинирањето на приоритетите е високо на агендата и во таа насока посочи дека експертската помош од Обединетото Кралство во спроведувањето на реформите е повеќе од добредојдена.

- Во контекст на стратешките приоритети на државата, министерката рече дека Македонија останува цврсто посветена на интеграцијата во НАТО- Алијансата, која не само што ќе донесе поголема безбедност за нашата држава, туку и поголема стабилност и просперитет за целиот регион, се наведува во соопштението.

Директорката за Западен Балкан, Мекилвам, се посочува, даде целосна поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија, и изрази подготвеност за активна поддршка во експертска и техничка помош, во процесот на спроведување на реформите.

- Обединетото Кралство и целата меѓународна заедница сакаат да ја видат Македонија во евроатлантското семејство, но се очекува државата да покаже видливи резултати од спроведените реформи, рече Мекилвам на состанокот.

Таа ги поздрави заложбите на новата Влада за подобрување на односите со соседите и изрази надеж дека постојните проблеми ќе бидат надминати што поскоро, стои во соопштението од Министерството за одбрана.