Македонија
7. November 2016 - 12:46

Средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски со пратеникот на ЦДУ Фрај

Претстојните парламентарни избори  и надминувањето на политичката криза, биле тема на денешната средба на  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со Торстен Фрај, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на ЦДУ и член на Комисијата за надворешни работи на германскиот Парламент.

Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Груевски истакнал дека се исполнети сите услови за одржување на изборите и оти тие се излезот во насока на надминување на кризата. Граѓаните, навел претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе имаат можност да одлучат за иднината на државата и да се определат меѓу концептот на градење и проекти, и концептот на создавање кризи и деструкција застапуван од опозицијата.

На средбата станало збор  и за македонско - германските односи, особено за зголемениот број германски инвестиции и нови фабики во Македонија, вклучително и евроатлантските интеграции, кои, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, претставуваат наша заедничка стратешка цел..

Торстен Фрај е германски политичар од владејачката коалиција ЦДУ/ЦСУ. Од 2013-та година е пратеник во германскиот Бундестаг, каде што моментно е член на Комисијата за надворешни работи во Бундестагот, член на Комисијата за односи со ЕУ и член на парламентарната група за пријателство и врски со земјите од Југоисточна Европа. Пред тоа ја извршува функцијата градоначалник на градот Donaueschingen, во германската покраина Баден Виртенберг.

ВМРО-ДПМНЕ соопштува и дека со ЦДУ како сестрински партии се долгогодишни партнери во рамки на Европската народна партија (ЕНП), со постојана соработка на билатерално и мултилатерално ниво.