Македонија
21. August 2017 - 18:08

Средба на министерот Дураки со делегација на Европската Зелена партија

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, денеска се сретна со делегација на Европската Зелена партија предводена од копретседавачот на партијата Реинхард Бутикофер, и членовите Орас Тинкинен и Томас Ваиц. 

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, целта на посетата била размена на информации и запознавање на европската делегација со македонската политика, актуелните перспективи и случувањата со посебен акцент на состојбата во секторот на животната средина и европските интеграции.

Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање претставниците на делегацијата на Европската Зелена партија биле информирани за состојбите со отпадните води и третманот на отпадот во Република Македонија, како и за загадувањето на воздухот во градовите Куманово, Скопје, Тетово и Велес.

Членовите на Европската Зелена партија, како што се наведува во соопштението, се интересирале за постапката за изградба на нови рудници за бакар и злато во Македонија, при што ја понудиле нивната експертска помош при усогласување на техничката документација со европските еколошки стандарди, во оваа област.