Македонија
28. October 2015 - 20:47

Средба на граѓани со претседателот Иванов

Триесетина граѓани и претставници од повеќе граѓански здруженија, денеска во Народната канцеларија во Скопје се сретнаа со претседателот Ѓорѓе Иванов. Тие ги изнесоа своите ставови и мислења за актуелните општествени состојби, и го запознаат претседателот Иванов со проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот, можностите за нивно решавање, како и за начинот на кој бараат заштита, или остварување на одредени права и интереси.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, во фокусот на денешните разговори со македонскиот претседател беа прашања поврзани со судството, актуелната политичка состојба, економијата, теми поврзани со зачувување и промовирање на македонската култура и традиција, како и предлози со цел унапредување на земјоделието. Дел од темите на разговор беа и перспективите на младите талентирани студенти и дипломци кои својата кариера сакаат да ја усовршат во својата родна земја.

Јулија Богатинова-Костовска од Здружението за развој и населување на селските средини ЕКО заедница Родина-Скопје го запозна претседателот Иванов со идејата за населување и развој на селските средини со што ќе се развие еден нов поинаков концепт за ревитализација на селата чија содржина предвидува користење на земјиште без надоместок за обработка, кое ќе биде само со право на користење. Членовите на ова здружение запознавајќи го претседателот Иванов со оваа идеја потенцираа дека со нејзино остварување ќе се добијат повеќе бенефити, меѓу кои и намалување на стапката на невработеност, привлекување на иселениците да се вратат во родната земја и спречување на иселувањето на млади лица од земјава.

Дел од членовите на поетската манифестација „Ѕвездено небо“ која веќе пет години се одржува во општина Центар, денешната средба со Иванов ја искористија накусо да го запознаат со своите досегашни и идни активности и да му заблагодарат за неговата поддршка во зачувување на културното богатство на земјава.

- Ми претставува голема чест што денес имав можност лично да се запознаам со Претседателот и да поразговарам со него. Ова е одлична можност и за граѓаните, и за Претседателот да ги слушне нашите ставови, рече еден од присутните граѓани, Мирослав Нестор.

За филателистичкото друштво „Марка“ средбата со претседателот Иванов беше можност да го запознаат со својата идеја во текот на наредната година да организираат прва меѓународна филателистичка изложба во земјава, на која ќе се претстават специјални албуми со марки.

Претседателот Иванов им се заблагодари на граѓаните за нивното денешно присуство, како и за нивните предлози и сугестии во насока на решавање на одредени прашања и унапредување на севкупниот живот во Република Македонија. Воедно, претседателот посочи дека можностите и механизмите кои се во негова надлежност ќе бидат искористени со цел поуспешно надминување на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.

- Сите што сме избрани од граѓаните сме во функција на остварување на интересите на граѓаните. Сите овие средби се на некој начин и проверка на тоа што го работиме и остваруваме и колку е тоа во интерес на граѓаните, рече претседателот Иванов.

Средбата со граѓани е една од редовните активности на претседателот Иванов, со оглед на неговите заложби за блискост и постојан контакт со граѓаните, а како еден од основните предуслови за креирање и спроведување на успешни и функционални политики.

Согласно ветувањата во предизборната кампања, и водејќи се од ставот дека предлозите на граѓаните за конкретни проблеми се глас на демократската јавност, претседателот Иванов го иницираше проектот „Глас на граѓаните“, што претставува можност граѓаните своите идеи и предлози, покрај преку Народните канцеларии, да ги доставуваат и преку електронска адреса на веб-страницата на Претседателот, врз основа на чија анализа ќе произлезат заклучоци, се наведува во соопштението од неговиот Кабинет.