Македонија
1. May 2017 - 15:40

Средба Хојт Ји - Талат Џафери

Присуството на американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји уште еднаш ја потврди поддршката што САД ја пружаат за изборот на претседател на Собранието и за поддршката во натамошните наши чекори во смисла на враќање на стабилноста и функционалноста на Собранието и другите институции, изјави денеска Талат Џафери, кого СДСМ, ДУИ и другите коалициски партнери во четвртокот го избраа за претседател на Собранието, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери сметаат дека тој е нелегитимен.  

- Првпат по трагичните настани од 27 април овде во просториите на Собранието имам можност во својство на претседател на Собранието на РМ да ви се обратам и да ве информирам дека остварив една од првите мои официјални средби со официјален меѓународен претставник, високиот претставник од САД  господинот Ји. Разменивме доста разговори по однос на потребата стабилноста и делувањето инстутиционално на Собранието да се врати во функција и што побргу сите да ги заборавиме последиците од 27 април, рече Џафери.

Тој уверува дека како претседател на Собранието ќе се потруди да биде, како што кажа, претседател  на сите пратеници во Собранието  без оглед на нивната политичка или етничка припадност и без оглед како се изјасниле во однос на неговиот избор.

- Во тој контекст од утре понатаму ќе се обидам да ја ставам во функција работата на Собранието без оглед на последиците што се видливи и денеска, рече Џафери. 

Запрашан како ќе свика седница и ќе го стави во функција Собранието, Џафери рече дека како претседател на Собранието ќе постапи „согласно надлежностите што ги има во деловникот“. 

Изрази надеж дека пратениците, новинарите и граѓаните што беа повредени вечерта на 27 април што побргу ќе се опорават, ќе се вратат на нивните семејства и на нивните ангажмани.