Македонија
18. October 2017 - 17:54

Средба Џафери-Кнол: Холандија посветен поддржувач на евроинтеграциите на Македонија

Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери денеска во рамките на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ) во Санкт Петербург оствари билатерална средба со Анкие Брокерс Кнол, претседател на Сенатот на Холандија.

Џафери изрази особено задоволство од средбата, со оглед на тоа што Холандија е еден од најголемите донатори на Македонија и посветен поддржувач на евроинтеграциите на земјата, соопшти собраниската прес-служба.

Истакнувајќи дека Собранието на Македонија има долгогодишна успешна соработка со Холандската амбасада во Скопје и Холандскиот центар за европски безбедносни студии, Џафери ја информираше Кнол дека во септември годинава беше потпишан Меморандум за разбирање за организирање обуки за службата на Собранието.

Џафери зборуваше за состојбата во нашата земја, спомнувајќи ја посветеноста на новоизбраната Влада кон добрососедските односи и за веќе постигнатиот напредок во односите со јужниот и источниот сосед.

Во врска со случувањата од 27-ми април оваа година, претседателот нагласи дека надлежните институции ги преземаат сите потребни процедури што се во нивна надлежност за лицата одговорни за настаните од таа вечер, да бидат изведени пред лицето на правдата.

Кнол истакна дека во Холандија со внимание се следи состојбата во Македонија и позитивно се гледа на постигнатиот напредок во односите со соседите.

Таа ги поздрави напорите за разрешување на спорот со името и истакна дека ќе ја пренесе до Комисијата за надворешна политика на Сенатот пораката за интензивирање на меѓупарламентарната соработка.

Кнол нагласи дека Сенатот на Холандија е подготвен да даде секаква директна поддршка на Собранието на Македонија, а како една од областите во која би можела да се ефектуира подршката е е-парламентот.

Џафери, ја покани претседателката на Сенатот на Холандија да ја посети Македонија, нагласувајќи дека преку интензивирање на парламентарната соработка, ќе се поттикнат севкупните билатерални односи.

Двајцата се согласија дека Интерпарламентарната унија преставува многу значаен форум, не само заради актуелните теми на кои се дискутира, туку и заради можноста за запознавање и остварување на директни контакти меѓу пратениците од различни земји.