Македонија
11. July 2017 - 17:14

Средба Димитров-Рот: Подадената рака од Македонија соседите треба да ја прифатат и да ги одблокираат евро-интеграциите

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на неполни 3 недели пред потпишувањето, не откри какви компромисни решенија се содржани во договорот за добрососедство со Бугарија, во однос на заедничката историја, чествувањето на настаните од истата и јазикот, по финализирање на преговорите минатиот викенд.
 
Димитров по средбата со германскиот државен секретар за европски прашања Михаел Рот рече дека до објавување на неговата содржина и потпишување треба да се завршат неколку чекори
 
,,Треба да се информира владата, треба да се разговара околу тоа, треба да се извршат и консултации со други политички актери во Р. Македонија и истото тоа треба да се направи и во Р. Бугарија. И затоа, согласно тоа... во секој случај јавноста ќе биде запознаена за сите детали од договорот. Меѓутоа, соопштувањето сега непрецизни формулации може да влијае на овие консултации. Она што можам да го кажам е дека и македонската страна и бугарската страна се раководеше од начелото, од една традиција што доаѓа од Африка: ,,Ако те уништам тебе, ќе се уништам и себе‘‘. Базата за компромис што ја постигнавме е добра основа да се потпише текст што и ние со горда и исправена глава ќе го потпишеме и Бугарија со горда и исправена глава ќе го потпише. И мислам дека двете делегации ги напуштија преговорите со чувство дека во рамките на околностите направивме максимум‘‘, изјави Димитров.
 
И Рот смета дека подадената рака од новата македонска влада кон Бугарија, но и кон Грција треба да се прифати, со што ќе се одблокираат македонските евро-атлантски интеграции.
 
,,Никој вон Македонија и вон Грција не го разбира спорот за името. Тоа е комплетно лудило. Јас почитувам дека овде и во Грција има емотивности, но мислам дека историјата треба да си остане историја и да одиме кон заедничка иднина. И Германија е подготвена, доколку тоа се посакува да даде поддршка во овој правец. Но, навистина го ценам тоа што овде од Скопје во моментов се праќаат соодветни сигнали и тогаш и ние сме обврзани или чувствуваме обврска да ја поддржуваме Македонија. Кога зборувам ние не мислам на Германија, туку целата ЕУ. Сите мора да се вклучат во тимот. Ако се започнат пристапни преговори ќе има потреба од консенсус и моментално нешто се работи на таа тема. Јас имам впечаток дека мојот оптимизам е добро основан‘‘, изјави Рот.
 
Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара Владата и премиерот Зоран Заев да ја објават содржината на договорот што планираат да го потпишат со Бугарија.
 
Според ВМРО ДПМНЕ македонскиот народ има право да знае какви отстапки направил Заев, бидејќи експертите од Бугарија толкуваат дека со договорот се става крај на македонизмот.