Бизнис
4. July 2017 - 19:54

Средба Анѓушев - Манжан

Економијата е во фокусот на Владата на Република Македонија. Ќе работиме на создавање на реална, а не на политичка економија, истакнал заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната средба со директорката за континентална Европа во француското Министерство за Европа и надворешни работи Флоранс Манжан. 

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, Анѓушев искрено се заблагодарил на поддршката од страна на Франција за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ, особено за активностите кои се одвиваат во рамки на Берлински процес. Подршката обврзува, а задача на Владата е креирање на законски решенија со кои ќе се усогласиме со Европската легислатива и ќе направиме чекор напред кон целосна интеграција на земјата во европското семејство, рекол вицепремиерот.

- Економијата е во фокусот на Владата на Република Македонија. Ќе работиме на создавање на реална, а не на политичка економија. Економскиот раст и развој ќе се фокусира на поддршка на развојот на домашните компании и стимулирање на извозот, привлекување на реномирани и успешни странски инвеститори кои во поголема мерка ќе соработуваат со домашни компании, капитални инвестиции во инфраструктурата, реформи во енергетскиот сектор, како и реформи во образовниот систем со кои ќе се продуцира квалитетен кадар за потребите на компаниите, истакнал вицепремиерот Анѓушев на средбата.

Тој дополнил дека она што е неопходно и итно во овој момент, поради многу слабите оценки од Енергетската заедница, е имплементација на третиот пакет енергетски мерки на Европската Унија во новиот закон за енергетика. Реформите во енергетскиот сектор ќе придонесат и за повисоко ниво на искористување на природните ресурси за обновливи извори на енергија, стои во соопштението.

Директорката за континентална Европа во француското Министерство за Европа и надворешни работи Манжан истакнала дека е импресионирана од плановите и ентузијазмот на Владата за влез во ЕУ. Како што се наведува во соопштението, таа потенцирала дека во Владата гледа добар партнер на Франција, а со себе ќе понесе порака дека сите француски компании се добредојдени, особено оние кои планираат инвестиции во обновливи извори за енергија, како и компаниите кои веќе имаат соработка со македонски фирми.

- Колку повеќе се подобруваат условите за водење бизнис, толку се поголеми можностите реномирани француски компании да се јавуваат како инвеститори во Македонија, а со тоа да се зголеми економската соработка помеѓу двете земји, порачала Манжан, стои во соопштението. 

На денешната средба, станало збор и за состанок помеѓу вицепремиерот Анѓушев и францускиот државен секретар за економија и финансии Бенжамин Гриво, која би се одржала на маргините на Самитот за Западен Балкан во Трст на 12 јули 2017 година, а ќе претставува продолжение на соработката во економската сфера, се наведува во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.