Балкан
29. July 2015 - 14:22

Србија ќе го блокира влезот на Косово во УНЕСКО!

Белград соопшти дека ќе се бори против напорите на Приштина да му се приклучи на УНЕСКО, тврдејќи дека Косово не е држава и дека не може да ги заштити српските верски споменици и наследство. 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ испрати писмо до генералниот секретар на ООН, Бан Ки-Мун, во кое вели дека барањето на Косово да стане членка на УНЕСКО, според меѓународното право е неприфатливо, објави во неделата, српскиот јавен радиодифузен сервис, РТС.

„Косово како територија во согласност со важечката и обврзувачка Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН, под управа на Обединетите нации, не може да се смета за држава како субјект на меѓународното право, а со самото тоа не може да се квалификува за прием во УНЕСКО“, го цитира РТС писмото на Дачиќ. 

Но, заменикот министер за надворешни работи на Косово, Петрит Селими, изјави дека Дачиќ нема да може да ја спречи неговата земја да направи уште еден чекор напред кон постигнување на целосно признавање на нејзината независност и покрај фактот дека таа не е членка на ООН.

„Знаеме дека многу држави станаа членки на УНЕСКО, пред да станат членки на ООН, вклучувајќи ги и Западна Германија, Австрија, итн. Дачиќ може да пишува писма, но тој не може да го запре тркалото на историјата“, изјави Селими за косовскиот весник, „Епока е Ре“. 

„Косово ќе биде членка со целосни права во сите организации за кои што аплицира, почнувајќи од УНЕСКО оваа година“, додаде тој.

Во Косово се наоѓаат многу значајни српски православни манастири и цркви, а претставниците на Белград ја обвинија Приштина дека не ги штити соодветно и дека дури учествува во нивно уништување.

Министерот за труд, Александар Вулин, во неделата ги обвини властите во Приштина, дека не го спречиле уништувањето на 35 српски манастири, цркви и споменици, за време на немирите во март 2004 година, додавајќи оти оние што ги „палеле“ црквите, сега „сакаат да се претстават себеси како чувари“ на српското наследство во Косово.

Меѓународните судови во Приштина досега осудиле неколку лица за уништување на српските православни цркви во март 2004 година, изрекувајќи им затворски казни од 21 месец до 16 години.

Некои српски опозициски политичари, пак, изјавија дека владата во Белград не е доволно силна за да ги спречи напорите на Косово за членство во УНЕСКО.

„Државата мора да започне енергични дипломатски активности. Мислам дека нашата влада, нема капацитет или знаење, да го направи тоа“, изјави за новинарите во понеделник, Борислав Стефановиќ, потпретседател на опозициската Демократска партија.

Косовскиот премиер, Хашим Тачи, на 16 јули објави дека Приштина поднела барање за прием во УНЕСКО, „по околу 130 средби со делегации на УНЕСКО одржани оваа година“.

За да стане членка на УНЕСКО, Косово прво треба да добие поддршка од Извршниот совет. Потоа советот ќе решава дали на седницата во ноември, Генералната конференција на УНЕСКО ќе гласа за ова барање. На Косово му се потребни две третини од гласовите за да стане членка на УНЕСКО.

Дарко Танасковиќ, амбасадор на Србија во УНЕСКО, изјави дека од вкупно 58 земји членки на Извршниот совет, 33 веќе го признале Косово.

„Математички гледано, барањето на Косово има шанса да добие мнозинство во Извршниот совет“, изјави Танасковиќ за РТС.

Инаку Србија нема право да стави вето на кандидатурата за членство на Косово во УНЕСКО. 

://balkaninsight.com