Бизнис
23. November 2017 - 10:15

Србија ќе ги обесштетува девизите штедачи од поранешна СФРЈ

Српската Влада до Собранието достави Предлог за измени и дополнувања на Законот за регулирање на јавиот долг на Србија, со кој се предвидува исплата на заостанатите девизни заштеди на сите штедачи од државите на поранешна Југославија.

Со предлогот се предвидува исплатата на штедачите да биде извршена во периодот меѓу 31 август 2019 и 29 февруари 2024 година.

Станува збор за девизни заштеди на граѓаните на некогашна СФРЈ во која било банка чие седиште било на територијата на Србија или во нивните филијали во поранешните југословенски републики.

Целта на законот е да се подобри положбата на девизните штедачи, да се обезбедат услови за адекватна и подобра примена на постоечките инструменти за враќање на заштедите и поефикасно да се спроведе постапката за утврдување на правата за исплата на девизните заштеди.

Првично било предвидено исплатата да се спроведе во периодот меѓу 31 август 2018 и 28 февруари 2023 година, но рокот е пролонгиран за една година поради воочени проблеми во прибирањето на потребната документација. 

Согласно Законот, се предвидува на сите штедачи наместо штедни книшки да им бидат отворрни девизни трансакциски сметки преку кои би се вршело враќањето на заштедите. 

За враќање на овие заштеди предвидени се средства од буџетот на Република Србија.

Законот ќе се однесува на сите девизни заштеди вложени во банките до 27 април 1992 година, на кои ќе биде пресметана камата до 2016 година. Се проценува дека вкупниот обем на овие заштеди изнесува околу 310 милиони евра.