Македонија
11. January 2017 - 14:23

СПМ: Жестоко ќе се спротивставиме на менување на Уставот и уцени при формирање влада

Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) во денешното соопштение посочува дека жестоко ќе се спротивстави на секој обид за менување на Уставот и не прифаќа никакви уцени и притисоци при формирањето на новата влада. Потсетува дека партиите во Коалицијата „За подобра Македонија“ ја добија довербата од мнозинството граѓани, потврдено и со бројот на мандати во Собранието.

СПМ очекува новата Влада да продолжи, таму каде што застана, да ги гради и развива меѓуетничките односи, довербата и соживотот, создавани во изминатиот период во интерес на сите македонски граѓани, се наведува во соопштението од партијата. 

На 11 декември 2016 година во Република Македонија се спроведоа фер, демократски и кредибилни вонредни парламентарни избори, потврдени и од страна на маѓународната заедница и сите фактори вклучени во процесот. Уште еднаш, како што се наведува во соопштението, се потврди легитимитетот на Коалицијата „За подобра Македонија“ која е изборен победник, и се сполнети сите уставни и законски одредби за добивање на мандатот за формирање на новата влада.

- СПМ со внимание ги следи партиско-политичките случувања во државата како и контактите и разговорите на лидерите на партиите од албанската националност во Македонија со премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Косово Хашим Тачи. СПМ го осудува непримерното однесување на албанскиот премиер и косовскиот претседател, непосредно по спроведените избори и во фаза на формирање на владата, сметајќи го како неодговорно, непромислено и грубо мешање во внатрешно-политичките односи во Република Македонија, кое ќе остави последици во односите со нашата земја, стои во соопштението.

Тоа, според СПМ, претставува преседан во односите кон една соседна држава, надвор од сите дипломатски норми и протоколи, со што се поткопува довербата кон нив и во нивната искреност за градење на добрососедските односи. 

- Сметаме дека со овие чекори официјална Тирана се поставува како центар во формирањето на голема држава иако историски сите слични проекти доживувале целосен неуспех, особено на нашите простори, што на инспираторите би требало да им е познато. Со ова се подгреваат тензиите и спротивставеностите во меѓуетничките односи во Македонија, кои врз национална основа лесно можат да добијат и сериозно пошироки димензии, наведуваат од СПМ.

Во однос на Платформата на партиите на Албанците во Македонија со барања и услови за преговори за составување нова влада со македонските политички партии, СПМ смета дека тоа е проект директно насочен кон загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

- СПМ жестоко се спротивставува на таканаречената Платформа и целосно ја отфрла нејзината условувачка содржина, сметајќи го овој уценувачки документ како апсолутно нереален и крајно неприфатлив. СПМ смета дека со таканаречената Платформа на политичките партии од албанската националност во Република Македонија се напушта Рамковниот договор од 2001 година со кој се прифатени, а со уставните и законските измени, имплементирани сите барања за градење демократско граѓанско општество со подеднакво почитување на правата на граѓаните од сите етнички заедници во државата, се наведува во соопштението.

За оваа партија т.н. Платформа претставува сериозен удар врз унитарноста на Република Македонија, нејзиниот уставен поредок, напуштање на воспоставениот граѓански општествен концепт на уредување и враќање на националните позиции од кои се раѓа национализмот. - Сето ова не е волја на албанскиот народ во Република Македонија туку на регионалните радикални сили и глобални центри на моќ кои настојуваат да создадат раздор во изградениот политички систем во државата. СПМ ги потсетува Албанците кои живеат во Македонија на изградениот соживот и на тешките и добрите периоди од заедничкото минато, напоменувајќи дека во ниту една земја во светот националното прашање не е решено како во Република Македонија, се наведува во соопштението.