Македонија
24. July 2017 - 16:07

СПЦ го одби барањето на Владата за прослава на Илинден во Прохор Пчински

Портите на манастирот Свети Прохор Пчински и годинава ќе останат затворени за македонската државна делегација за прослава на денот на државноста, на 2 август.

Иако веќе неколку години Македонија целосно се откажа од чествувањето на АСНОМ во манастирот, годинава, како што објавуваат српските медиуми, Владата побарала дозвола од СПЦ за влез во Манастирот. Но, според неименувани извори некои српски медиуми, лично Патријархот Иринеј и Српската православна црква го одбиле барањето на македонската влада.

– Патријархот Иринеј е категоричен за забраната. Како што вели, сè додека не се поправи статусот на СПЦ и на нејзините свештеници во Македонија, нема разговори за можноста да се дозволи каква било делегација од Скопје да го посети манастирот во Србија и во него да го обележува Илинденското востание. Самиот патријарх Иринеј и патријаршијата повеќепати барале од македонските власти да се направи нешто по прашањето за статусот на српските свештеници во Македонија, но секогаш наидувале на ѕид во државните институции во Македонија. Патријархот Иринеј е лут и повеќепати повтори: „Нема шанси да дозволам во нашиот манастир да го слават Илинден, пренесува српскиот портал  „Ало“ изјава на неименуван извор од патријаршијата во Белград.

Порталот пренесува и изјава на шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, кој вели дека само СПЦ може да одлучи дали ќе одобри Македонија да има прослава во манастирот, потстеувајќи дека сите барања што Македонија ги испраќала до нив, тие ги препраќале до СПЦ, но никогаш не добивале повратен одговор.

Ало пренесува и изјава на македонскиот премиер Зоран Заев дадена вчера во Сараево во која тој потенцира дека Србија е голем пријател на Македонија и оти се надева дека ќе биде добиено одобрување, за чествување во Манастирот, но и да не се случи тоа Скопје нема да се налути.