Македонија
3. October 2016 - 16:16

Спасовски во посета на СВР Скопје

Состојбата во градот Скопје е стабилна, безбедноста е добра, сите капацитети на Секторот за внатрешни работи се ставени на располагање да се сочува мирот, безбедноста, јавниот ред и мир во градот.

Ова денеска го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на СВР Скопје на која беше информиран за безбедносната состојба во градот.

- Во СВР Скопје ме информираа околу безбедносната состојба и проблемите со коишто се соочува Секторот, а тоа е недостигот на многу полицајци. Знаеме дека СВР Скопје и по обемот на активности и по значење и територија што ја зафаќа е далеку пред сите сектори во Република Македонија, рече Спасовски.

Нагласи дека ќе мора да се прави и системска реформа во односот на СВР, со цел, како што рече, да се добие повеќе на значење и да се работи на обезбедување на што е можно повеќе луѓе. 

На новинарско прашање за повратниците од странство како од Италија и Блискиот Исток и за ситуацијата во Македонија со бегалската криза Спасовски рече дека има повратници од Сирија,  но по оперативната обработка и неколкуте луѓе уапсени коишто претставувале закана за безбедноста, потребна е ресоцијализација на тие луѓе.

- Секако дека радикализацијата на луѓето во Македонија и регионот претставуваат потенцијална опасност, меѓутоа државата мора да работи превентивно, што е можно повеќе луѓе да бидат прифатени преку обуки за намалување на радикализацијата. Уште поважно е како да се направи ресоцијализација на тие кои биле таму. За секој за кој постои доказ дека учествувал во активности и претставува безбедносен ризик за РМ надлежните органи ќе преземат мерки, рече Спасовски.

Проблемот со бегалската криза, како што рече, е во жариштето, во Сирија и државите од каде што доаѓаат бегалците.

- Наша несреќа е што ние се наоѓаме на западнобалканската рута и практично тоа е прва држава која што треба да ги штити границите на ЕУ. Овој бран е можно да се зголеми, можно е да има повторен притисок за влез, но најважно од се е да има организиран систематски пристап, координиран со сите држави и од регионот и од ЕУ. Тука е договорот помеѓу ЕУ и Турција, кои ја играат клучната улога. Очекувам дека ќе се најдат сили за да може да се надмине кризата, истакна министерот Спасовски.

Во однос на кадровските смени во МВР рече дека има законски ограничувања на хоризонталните поместувања кои треба да бидат најмногу десет проценти од просекот на поместувањата во 2015 и дека ќе се движат во тие рамки.

На прашањето за случајот од атентатот на претседателот Киро Глигоров, Спасовски рече дека се уште овој предмет е отворен и дека се работи, но нема завршница.