Македонија
8. April 2016 - 16:59

Спасовски: Прекршен е Договорот од Пржино

Генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека Владата направила ново прекршување на Договорот од Пржино и донела противзаконска одлука за поништување на сите правни акти на министрите од СДСМ, донесени пред поднесување на оставките.

- Нашите оставки, како министри и дополнителни заменици министри, поднесени до техничкиот премиер од ВМРО-ДПМНЕ не беа констатирани, спротивно на нашата волја. Со ваквата одлука, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги прават изборите невозможни бидејќи ова е техничка влада за спроведување на фер избори. Сите одлуки поврзани со изборите мора да бидат потврдени од опозицијата. Ова е директна потврда и доказ дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ немаат никаква намера да организираат регулатни, фер и демократски избори, рече Спасовски.

Според него,  ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ намерно создаваат правен и политички хаос.

- Нема да дозволиме овој хаос да биде на штета на граѓаните. Ќе ја гарантираме нивната безбедност, ќе ги потпишуваме исклучиво документите поврзани со нивната сигурност, исплата на плата, пензија, социјална помош, и на се она што по Устав и Закон им следува. Ниедна одлука усвоена од оваа Влада, којашто наместо регуларни има намера да спроведе криминални избори, нема да ја потпишеме и нема да ја спроведуваме. За излез од длабоката политичка криза во Македонија мора да има слободни, фер, демократски и регуларни избори, рече Оливер Спасовски.