Македонија
16. November 2017 - 15:34

Спасовски: Инклузивност во процесот на реформата во безбедносните служби

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари неформална средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, со координаторите на пратеничките групи и претседателите на комисиите за надзор во рамки на подготовките на реформите во безбедносните служби.  
 
- За мене е многу значајно да имаме инклузивност во овој процес, да ги вклучиме сите политички субјекти, пред се, Парламентот на Република Македонија, бидејќи тука на крајот се изразува волјата на граѓаните и преку една отворена дебата да дојдеме до најсоодветното решение и реформа која ќе биде ефикасна и ќе создаде заштита на системот на следење на комуникациите и заштита на човековите слободи и права, рече минитерот Спасовски по средбата. 
 
Аферата со прислушувањето во изминатите години создаде сериозна политичка криза во која се открија нарушувања на човековите слободи и права и, додаде Спасовски, токму заради тоа нашата одговорност во правење на вистинска реформа е многу значајна.
 
Негова констатација по средбата беше дека пратениците и Владата имаат единствена цел да ја заштитат Република Македонија преку ваквите служби и да создадат ефикасен систем на контрола. Најави дебата со сите општествени чинители меѓу кои со НВО, медиумите, експертската и стучната јавност. Ќе се менуваат повеќе закони на кои работи работна група.
 
- Тоа може да се менува од ден на ден, посочи Спасовски.
 
Со драфт текст за следење на комуникациите, министерот вели дека МВР треба да излезе до крајот на годината и понатаму да тече имплементација на тој закон.
 
- Тоа значи дека во наредниот период тие детектирани решенија што треба да се променат, да се менуваат, да се создадат технички услови за формирање на агенцијата и најмногу за една година да имаме функционалност, посочи министерот за внатрешни работи. Законите ќе се носат во редовна процедура.  
 
Спасовски рече дека една од препораките на Прибе е опремата за следење на комуникациите да биде надвор од МВР.
 
- Ние одбравме еден модел што ги исполнува овие препораки и ќе дебатираме со сите чинители. Нашата цел е да има посебен оперативно-технички центар или Агенција во која би се сместиле медијациските уреди од што ќе се бара пристап до сите законски институции што им е надлежност да ги следат комуникациите: МВР, Царинска управа итн, рече министерот.   
 
Спасовски додаде дека додека се имплементира новата реформа, МВР сака вистинска контрола врз системот за следење на комуникациите. Веќе е разговарано со претседателите на соодветните собраниски комисии за да се изврши контрола во МВР, како што кажа Спасовски, кога за тоа ќе оцени Парламентот дека треба да се случи.
 
- Посакуваме да има и експертска помош што може да гарантира добра контрола на системот за следење на комуникации бидејќи е најважно да се констатира тоа дека во Република Македонија немаме незаконско следење во овој период, истакна Спасовски. 
 
Повтори дека во овој момент незаконско прислушување во Македонија нема.
 
- Прислушувањето односно следењето на комуникациите се одвива исклучиво за заштита на уставниот поредок на Република Македонија преку барања доставени преку Врховниот суд, преку барања што се доставени и преку јавниот обвинител односно преку надлежниот суд што издава наредба за следење на комуникациите за борбата против криминалот и корупцијата во Македонија. И за ова правиме и неделни и месечни извештаи, внатрешна контрола, меѓутоа за нас е важно да имаме и контрола од страна на Собранието и експертска контрола, изјави Спасовски. 
 
Направени се и измени на законот за полиција, што е испратен на мислење до ЕК, а потоа како што кажа Спасовски преку Влада ќе биде доставен до Собранието.
 
- Мојата цел е да нема гумени куршуми, електрични палки што ќе се употребуваат, посочи Спасовски. 
 
Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека средбата била на барање на министерот за внатрешни работи Спасовски како претседател на Интересорската група за реформскиот процес кој произлегува од Извештајот на Прибе. 
 
- Министерот на извести за процесот на подготовки за имплементација на оние препораки што произлегуаат од реформскиот извештај на Прибе. Не извести и за намерата за излегување пред Собранието со драфт проект што треба да мине низ соодветна собраниска процедура, рече Џафери.    
 
На средбата, според Џафери била искажана подготвеност за учество во реформскиот процес и од пратениците од владејачкото мнозинство и од опозицијата. 
 
- Министерот даде гаранција и до пратениците до опозицијата дека ќе бидат информирани за сите детали за процесот на реформите, рече Џафери.    
 
На средбата присуствуваа и повеќемина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.   
 
- Доколку процесот биде инклузивен и доколку намерата на Владата е реално да ја вклучи опозицијата во реформата во овој дел, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат намера да бидат дел од овој процес. Но, доколку односот на владата кон опозицијата е само заради форма и за слика пред меѓународната заедница тогаш ќе треба многу енергија за да се дојде до заедничко решение,  изјави пратеникот Илија Димовски.