Македонија
23. November 2017 - 17:32

Советот за утврдување на факти бара одложување на неговото укинување

Советот за утврдување на факти бара одложување на законот со кој се укинува нивната работа. Претседателот Сашо Поцевски вели дека предложениот закон не предвидува што ќе се случи со предметите за нестручно и несовесно работење на 20-мина судии.

- Во моментов во тек се 6 постапки кои се водат против 21 судија меѓу кои има 13 судии на врховниот суд, тројца на апелациониот и останатите се судии од основните судови, вели Сашо Поцевски, Претседател на Советот за утврдување на факти.

Законот за укинување на советот за утврдување на факти, пред пратениците ќе се најде на собраниската седница во сабота. Поцевски вели дека побарале од Собранието и Министерството за правда да се вметне дополнителен член со кој ќе се дозволи советот да работи до крајот на годинава. Од правда велат дека транспарентен бил процесот за донесување на законот и тој викендов ќе се најде пред пратениците.

Според предлог законот понуден од владата, по укинувањето на советот за утврдување на факти, неговата работа ќе ја превземе Судскиот совет за што е предвиден и закон за негова реорганизација. Според Поцевски пак понудениот закон наместо реформи ќе понуди уназадување на можностите за покренување дисциплински мерки против судиите.

- Со предложените измени има ретрограден чекор, односно се враќаат поранешните позиции на Судскиот совет без некои значајни реформи. На крајот треба одлуката да ја донесат самите судии против кои евентуално ќе се води и постапка, вели Поцевски.

Од Судскиот совет пак денеска велат дека постапките за нестручно и несовесно работење на судиите ќе се водат непрекинато и се подготвени да ги завршат предметите кои ги започнал Советот за утврдување на факти.

Инаку неговото укинување се носи по барање на Владата. Неофицијално, ова го побарала и Европската Унија како прв чекор за реформи во правосудствотo.