Македонија
25. August 2017 - 16:39

Советот за утврдување факти ќе ги испитува одлуките на судиите за случаите „Таргет“ и „Тврдина“

Советот за утврдување на факти ќе ја проверува работата на 10-мината судии кои одлучуваа во постапките по предметите „Таргет“ и „Тврдина“. Ваквата одлука советот ја донел на денешната седница по разгледувањето на извештајот на определениот известител кој формирал предмет по допрен глас и поднесена иницијатива за сомнеж дека судиите донесувале погрешни одлуки.

- Врз основа на поднесениот извештај од страна на определениот известител, поткрепен со одредени факти обезбедени од негова страна, Советот донесе одлука извештајот да се прифати и од своите редови формира Комисија за утврдување на фактите во врска со изнесените наводи во јавните гласила и иницијативата поднесена од страна на Здружението за истражувања, анализи и развој „Зелена Лупа“ Скопје, се вели во соопштението на советот за утврдување на факти.

Членовите на комисијата ќе утврдуваат дали 10-мината судии сториле неправилности при донесувањето на одлуките во предметите Таргет и Тврдина. Извештајот кој ќе го подготват ќе го разгледа советот за утврдување на факти по што ќе одлучи дали ќе поведе постапка за утврдување одговорност на судиите пред Судскиот совет.

Инаку Советот за утврдување на факти ја отвори оваа постпака откако Здружението за истражувања и анализи „Зелена лупа“ побара да се утврди дали судиите работеле совесно. Претходно здружението поднесе и кривични пријави проти судиите за кои се сомневаат дека постапките во двата предмета ги воделе со низа неправилности.