Македонија
15. November 2015 - 8:35

Советот за безбедност договори мерки за евентуална ескалација на мигрантската криза

Советот за безбедност на Република Македонија на синоќешната седница, која беше свикана од претседателот Ѓорге Иванов поради безбедносната состојба поврзана со терористичките напади во Париз и случувањата во врска со бегалците, донесе конкретни заклучоци и мерки во случај на ескалација на мигрантската криза.конкретни 

Советот за безбедност изрази најостра осуда за терористичките напади во Париз и длабоко и искрено сочувство до граѓаните на Француската Република, се вели во соопштението издадено по седницата.

Во врска со заканите од насилниот екстремизам и странските терористички борци, констатирано е дека институциите редовно преземаат мерки и информираат. 

Безбедносните служби реферираа за сите предизвици и потенцијални закани со кои се соочува регионот, како и мерките што нашите институции, во соработка со партнерските служби ги преземаат за нивно спречување.

Утврдено е дека во однос на мигрантската криза надлежните институции во Република Македонија постапуваат во согласност со Законот за управување со кризи.

Заклучено е Армијата на Република Македонија и Управувачкиот комитет да ги преземат сите потребни мерки во случај на промена на ситуацијата на теренот, во смисла на можни ограничувања на протокот на мигранти во другите држави во Европа, кон кои тие се упатуваат.

Доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, Советот за безбедност заклучи АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка да може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно.

Советот за безбедност ја задолжи АРМ веднаш да ги започне сите подготовки и активности за расчистување и подготовка на теренот за евентуално и можно поставување  ограда.

Советот за безбедност потенцира дека поставувањето на оградата не би било во насока на затворање на границата, туку за канализирање и ограничување на протокот, во согласност со бројот на мигранти што ќе го прифатат државите во Европа кон кои тие се упатуваат.

Сепак, ваквиот чекор, кој засега е само можност, би се преземал во крајна нужда, односно само доколку земјите кон кои се упатуваат мигрантите значително го намалат протокот и  на тој начин Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка на мигранти за која нема капацитет и можност да даде хуман третман, се наведува во соопштението издадено од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов..

На седницата на Советот за безбедност, покрај шефот на државата Иванов, присуствуваа и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана и за внатрешни работи Зоран Јолевски и Оливер Спасовски, како и членовите на Советот Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини.

На покана на претседателот Иванов, согласно деловникот за работа на СБ, на седницата присуствуваа и раководителот на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи Никола Тодоров, началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, директорот на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Љупчо Андоновски, директорот на Бирото за јавна безбдност Горанчо Савовски, раководителот на сектор во Службата за воена безбедност и разузнавање Фердинанд Оџаков и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија, Емил Димитриев.

На седницата не присуствуваа Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија, како и заменик-министерот за внатрешни работи Митко Чавков поради службено патување надвор од Република Македонија.

На седницата не присуствува директорот на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена, Сузана Салиу.